Бизнис вести

Концептот „План за стан“ на Охридска банка Сосиете Женерал со престижно признание за општествена одговорност

Препознавајќи ги заложбите за понуда на уникатни производи во согласност со потребите и очекувањата на македонските граѓани, Бизнис-конфедерацијата на Македонија ѝ ја додели „Меѓународната награда за општествена одговорност“ на Охридска банка Сосиете Женерал за концептот „План за стан“, категоризирајќи го како проект од општествен интерес кој има придонес кон пазарот и клиентите.

петок, 17 февруари 2017

Препознавајќи ги заложбите за понуда на уникатни производи во согласност со потребите и очекувањата на македонските граѓани, Бизнис-конфедерацијата на Македонија ѝ ја додели „Меѓународната награда за општествена одговорност“ на Охридска банка Сосиете Женерал за концептот „План за стан“, категоризирајќи го како проект од општествен интерес кој има придонес кон пазарот и клиентите.

Концептот „План за стан“, со вклучено кредитно животно осигурување, Охридска банка Сосиете Женерал го претстави на почетокот од минатата година, со цел да им обезбеди на клиентите уникатен производ на станбен кредит кој се одликува со најдолг временски период на гарантирана каматна стапка, транспарентност и безгрижност, бидејќи клиентите со сигурност го знаат износот на својата месечна рата.

‒ Ни претставува чест и задоволство што, покрај признанијата од страна на клиентите, и институциите во државата ги препознаваат заложбите на нашата банка во развојот на производи и услуги кои во целост ги задоволуваат барањата и потребите дури и на најспецифичните категории клиенти. Со концептот „План за стан“ со кредитно животно осигурување, клиентите точно го знаат износот на месечната рата, без ниту едно изненадување во иднина или скриен трошок. Уверени сме дека создадовме портфолио кое дури и на најколебливите клиенти ќе им ја олесни одлуката за долгорочно планирање и обезбедување сопствен дом, со оглед на тоа што сигурноста, стабилноста и транспарентноста се клучни при купувањето на сопствен дом. Уште една потврда за нашата посветеност кон клиентите е дополнителното кредитното животно осигурување со кое, во случај на немил настан, клиентите добиваат дополнителна сигурност и финансиска поткрепа на семејството“, изјави Бранка Павловиќ, Претседател на Управниот одбор на Охридска банка Сосиете Женерал.

Уште една потврда за сигурноста што ја обезбедуваат производите на Охридска банка Сосиете Женерал се опциите за вклучено кредитно животно осигурување. Имено, Охридска банка Сосиете Женерал им овозможува на клиентите, кои ќе аплицираат за станбениот кредит „План за стан 2030“, да изберат меѓу двата пакета за животно осигурување, и тоа: основниот пакет за кредитно животно осигурување со осигурителна премија од 0,44 % годишно од износот на кредитот или целосниот пакет за кредитно животно осигурување со осигурителна премија од 0,85 % годишно од износот на кредитот.

При доделувањето на наградата, Извршниот претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, истакна:

‒ Охридска банка Сосиете Женерал поседува стратешки приод кон општествената одговорност кој со години наназад промовира и укажува на успешни општествено одговорни практики во нашата земја, за односот кон вработените и општеството, односите на пазарот, кои можат да се користат како позитивен пример и мотивација за останатите банки. Перманентно развивајќи практики на општествено одговорно однесување во своето работење, Охридска банка Сосиете Женерал продолжува да ги инкорпорира принципите во својата деловна стратегија, со цел на етички и на транспарентен начин да ја афирмира својата определба за одржлив развој, со едновремено остварување на интересите на своите чинители. Охридска банка Сосиете Женерал ги следи интернационалните стандарди, а со тоа докажува дека корпоративната култура и човечкиот капитал се најважен дел од компанијата. Да се биде банка со бројни признанија претставува двигател, но и предизвик за Банката да продолжи да ги унапредува општествено одговорните практики.

Ова е втора награда што Охридска банка Сосиете Женерал ја добива за своето општествено одговорно работење. Во 2015 година, Охридска банка Сосиете Женерал ја освои наградата за општествена одговорност во категоријата Односи на пазарот за проектот „Осигурување на кредитни и дебитни картички“.

За Охридска банка Сосиете Женерал
Охридска банка Сосиете Женерал е универзална банкарска институција која припаѓа на една од најголемите финансиски групации во светот – групацијата Сосиете Женерал. Со повеќе од 146.000 вработени, со присуство во 66 земји, групацијата Сосиете Женерал опслужува 31 милион клиенти низ целиот свет повеќе од 150 години. Охридска банка Сосиете Женерал функционира според високите стандарди на Сосиете Женерал, почитувајќи ги четирите главни вредности на Групацијата: тимски дух, иновација, посветеност и одговорност. Основната стратегија на Охридска банка Сосиете Женерал е постојаното унапредување на квалитетот на извршувањето на банкарските услуги и нејзината целосна посветеност да ги задоволи потребите на своите клиенти. Преку своето седиште во Скопје и широката мрежа од 27 експозитури на територијата на Македонија, Охридска банка Сосиете Женерал има за цел да биде поим за банкарски односи, препознатлива на пазарот, блиска до клиентите, избрана поради својот квалитет и посветеноста на нејзините тимови. Охридска банка Сосиете Женерал во 2016 година е носител на три награди во категоријата „Најдобра банка во Македонија“ од трите најважни банкарски авторитети - “Global Finance”, “Euromoney” и “The Banker”.
 

Содржината е прочитана 843 пати.