Култура

КИЦ на Македонија во Софија утре ќе ја почне годинашната културна понуда

Со мултимедијалниот проект „Сподели радост", Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија денес пред тамошната публика ќе ја почне културната понуда за 2017 година.

петок, 17 февруари 2017

Со мултимедијалниот проект „Сподели радост", Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија денес пред тамошната публика ќе ја почне културната понуда за 2017 година.

- Вечерта посветена на македонската поезија, песна и ликовна уметност, концепциски ја осмислија актерот Иван Калошев и режисерот Ѓорги Георгиев-Антика. Ќе бидат интерпретирани познати стихови од Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Светлана Христова-Јоциќ, Катица Ќулавкова, Лилјана Дирјан и други, информира КИЦ на РМ во Софија.

Во ликовниот дел од програмата на настанот „Сподели радост“ ќе бидат претставени дела од Маријана Иванова, Марјан Ѕин, Перица Георгиев-Пепси, Зоран Мише, Павел Целкоски, Горан Тричковски, Слободан Милошевски и Иво Пецов.

- Овој проект, во кој активно се вклучени македонски уметници кои студираат, живеат и работат во Бугарија, оваа година веќе има добиено покани за претставување во Пловдив, Асеновград, Созопол, Банско и Сандански, соопшти Македонскиот културен центар во бугарската престолнина.

Настанот ќе го отвори директорот Васко Шутаров, кој на публиката ќе и ја претстави и програмата за работа на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија во 2017 година.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 344 пати.