Интервјуа

Интервју со г-ѓа Соња Ризоска-Јовановски, сценарист и режисер на документарниот филм „Патот на дервишите“

Велат дека ништо во животот не е случајно, па така ни овој пат на моите истражувања поврзани со патот на дервишите. По секое истражување за нив јас бев поинаква, појака, духовно побогата бидејќи тие ми помогнаа да сфатам дека не се разликуваат по својата мисија и визија и од крајната цел на монасите во христијанскиот свет, а наедно направив и многу истражувања и многу научив и за себе и за христијанството како религија во чија основа ја има љубовта.

среда, 15 февруари 2017

МАРИЛИ: Госпоѓа Ризоска-Јовановски, документарниот филм „Патот на дервишите“, чија премиера беше на крајот на 2016 година, е повод да го направиме ова интервју. Кажете ни како дојдовте на идејата за овој проект?
Ризоска-Јовановски:
 

Кога ќе размислам подобро, имам чувство како идејата отсекогаш да била во мене, уште од моментот кога сум ги осознала патиштата на сите луѓе, етникуми, народи, но конкретно се појави во 2000 година кога ги истражувавме бекташите во Тетово. Во тоа време работев во Институтот за старословенска култура. Средбата со баба Таир за мене беше момент на осознавање, запознавање со верувањата и со обредните активности на една група луѓе што имаат свој специфичен пат кон вистината, пат кон Господ, пат кон осознавањето на самите себе. Начинот на кој тој ни ги раскажуваше сите тие животни подвизи за личноста и за нејзиниот пат низ сите искушенијата кај мене остави посебен печат... Неколкупати одев таму и со горешт прашував за сите искуства со кои се соочуваат бекташите што решиле да тргнат и да го изодат патот, патот на вистината и на љубовта кон Господ. Сите тие години одев таму и секогаш наоѓав нови предизвици за да дојдам до одговори за оваа мистична традиција. Начинот на кој баба Таир ми го објаснуваше трансцендентното, т.е. моментот на подвојување на духот од телото и „предавањето“ останаа како подземни еха во мојата мисла и размисла кога да почнам вистински да истражувам... На последната средба со баба Таир го добив неговиот благослов... Тој ми рече: „Чедо божјо, од мене имаш голем благослов да ја направиш приказната за нас, за другите тарикати и да ја раскажеш низ целиот свет. Еден ден ти ќе го направиш тоа, јас го чувствувам тоа бидејќи секој од нас има свој пат... Ти самата ќе почувствуваш кога ќе тргнеш по тој пат, патот да дојдеш до душите на овие луѓе... Слушај ќерко, тоа што се монасите во христијанскиот свет, тоа се дервишите во исламскиот свет, не заборавај...“
Потоа се случи моето патување во пределите на некогашна Месопотамија пред две години. На тоа патување научив многу нешта за животот од призмата на дервишите што живееја таму и кои дејствуваа како духовни водачи, мудреци што умееја да го спакуваат животот во неколку реда, а едновремено да го распостелат низ целиот космос што го доживуваа како свој дом.
По враќањето од тоа патување знаев дека бев подготвена за моите истражувања поврзани со дервишките редови што се присутни во Р. Македонија. Така сè започна со патот, ПАТОТ НА ДЕРВИШИТЕ за да го прикажам ДЕРВИШКИОТ ТАНЦ како посебен симбол на културниот идентитет и на нивната традиција. 

МАРИЛИ: Вие сте етнолог, но насочена сте кон антропологијата и социологијата, истражувате од поединецот, од човекот, етникумот, од поединечното кон глобалното, кон народот. Кажете ни што откривте правејќи го овој документарец, односно што претставува дервишкиот танц?
Ризоска-Јовановски:
Да, многу сум среќна што избрав професија како што е етнологијата, антропологијата, социологијата и како круна на сето тоа ѝ се посветив на визуализацијата на културата. Знаете ли колку е голем предизвикот да тргнеш од поединечното, па да дојдеш до глобалното и, обратно, да истражуваш за човекот како културно и социјално битие, за неговата личност, за сплетот на верувањата на одредени етникуми, за обредната практика што со векови ја чуваат како најголемо културно наследство, да ја истражуваш нивната (не)поврзаност, за сличностите и за разликите, за сето она што ги зближува, поврзува, преклопува или што ги дистанцира...
Патот на дервишите или за дервишките тарикати беше и патот на моето битие, внатрешниот судир што со години тлееше во мене. Можеби поради тоа патот на дервишите беше како веќе изграден пат по кој јас морав да изодам... Најпрвин ќе сфатите дека самиот збор тарикат означува ПАТ, ПАТЕКА, ПРАВЕЦ... Тој има две последователни значења во муслиманската мистика. Во првиот случај зборот означува метод на морална психологија за да ја води секоја индивидуална определба, трасирајќи ѝ го патот на душата кон Бога, водејќи ја низ различните етапи во пишаната практика на откриениот закон шарија, па сè до божјата стварност - хакика. Во второ значење терминот тарика означува збир на ритуални духовни вежби што се препорачуваат за секојдневниот живот во различните муслимански заедници и проширувајќи се тој синоним станал синоним за братство, заедница што се темели врз посебни прописи под влијание на еден ист учител, духовен водач или, како што го нарекува, шех.
Суфизмот е многу специфична мистична филозофија што била предмет на проучувања на многумина истакнати филозофи, истражувачи... Суфизмот е особено актуелен во нашата современост бидејќи наедно го означува и патот кон антитероризмот, кон сите што го нарушуваат или го уништуваат духовниот мир. Тие, едноставно, се избрани да се откажат од сопствените задоволства и тоа на два начина и формално и суштински. На пример, познатиот Абул Хасан Нури истакнал дека: Суфи е оној што не поседува ништо и кого ништо не го поседува... Ако почнам да говорам за суфизмот, се плашам дека нема да можам да престанам. Преку него може да се научи за најсуштинската природа на човекот за да го изоди патот за да го осознае патот што води кон Бог. Или како учејќи за другите на тој пат, го осознаваш заборавот на себе, а, всушност, го добиваш најдлабокото сознавање за себе на неколку нивоа, за ЈАС, (НЕ) ЈАС и (НАД) ЈАС. Таму на тој пат поминуваш низ многу етапи, како што велат дервишите, тие говорат за знаците на патот што не се случајно тука за да знаеш дали треба да продолжиш. За гносата и знаењето, за духовното искуство, за погледот на еден суфи, етапите на нивното патување, спознанието за божјата љубов, нивната подготвеност за дервишкиот танц, наречен ЗИХР, кој најразлично се одвива кај сите 12 тарикати, но на сите крајната цел им е иста - да ја сфатат божјата суштина и на овој свет да дојдат до Бог и да го спознаат за да го осознаат своето постоење на земскиот свет. Преку дервишкиот танц, каде што трансцендентното доаѓа до израз, доаѓа до раздвојување на телото и душата, тогаш дервишите доаѓаат до степен на осознавање на постојното и непостојното, напуштањето на постоењето или влегувањето во безвременото постоење, до врховното соединување и, секако, многу значајно за сите дервиши, прочистувањето на битието...
Цел ми беше да го истражам дервишкиот танц кај сите три дервишки тарикати што опстануваат и дејствуваат во Р. Македонија. Тоа беше сложен процес бидејќи да се говори за три хетеродоксни тарикати, а притоа да не смееш да направиш грешка при нивното толкување за создавањето, дејствувањето и нивната обредна практика, мора да признам, ни најмалку не е едноставно.
За да се говори, истражува или да се презентира дервишкиот танц во одреден простор и време значи да се прикаже една комплементарност на неговото создавање, изведување и зачувување како значајна традиција. Моја цел беше да ги истражам постојните тарикати во дервишкиот ред што опстанале во Р. Македонија и истражувањата се однесуваа на руфаите (Скопје), халветите (Струга) и бекташите (Тетово). Сите овие тарикати имаат цел преку своите танци, наречени сема, да го претстават нивното поврзување со Бог, Творецот на сепостојното, да ја прикажат нивната меѓусебна поврзаност, како и нивната посветеност на човекот. Во нивната трансценденција преку зихр се истакнува нивната мистика, поврзаноста со светлината, предавањето на Бог, повторното раѓање. Дервишите преку танцот ги пронаоѓаат законите на движењето на sвездите, ја симболизираат вселената, мистеријата на создавањето, еманациите и враќањето кон прапочетокот во единство. Па, сега видете низ кој пат требаше и јас да поминам за да успеам да влезам во нивните затворени кругови, да ја стекнам нивната доверба, да ги убедам дека сето ова што го правам е многу значајно за нивната култура и традиција, за да остане документирано, да ги потсети надлежните институции дека нивниот дервишки танц треба да се разгледа да се стави под заштита како дел од културното наследство на Р. Македонија. Бидејќи ова е навистина значен дел од духовното културно наследство и симбол на културниот идентитет на овие дервишки редови што успеале да го зачуваат во неговата оригиналност со сите елементи и покрај сите препреки и предизвици од многу страни.

МАРИЛИ: Колку од културолошки и од етнолошки аспект се направени истражувања за овој танц и дали постојат споредбени паралели со вакви слични обреди во други религии и култури?
Ризоска-Јовановски:
Фактот дека 25 години професионално се занимавам со симболите на културата, културните (под)групи, овој научноистражувачки проект не беше само предизвик, туку и можност од културолошки и од етнолошки аспект да ги формулирам теоретските поставки за суфизмот, за дервишките тарикати што постојат низ светот за да можам да го истакнам тоа со што тие се дефинираат како свои или се одвојуваат од другите.
Истражувањата покажаа различна структура кај постојните тарикати, но, сепак, сите целеа кон едно - да го спознаат Бога или да дојдат во допир со Бога токму преку трансцендентното, она што како да ги опијанува во својата мистика и преку нивната чистота и нивоата низ кои поминуваат многу етапно тие созреваат во својата самобитност и го отвораат „окото на душата“, кое го чувале толку длабоко скриено и иако во одреден миг изгледа расчленето, сепак, во мигот на кулминација тие како да се интегрираат со светот во неговата севкупност. Кога ќе го видете и ќе го доживеете сето тоа на самото место, ништо повеќе нема да ви биде исто понатаму во животот.
МАРИЛИ: Какво лично искуство Ви претставува правењето на овој документарец во смисла на духовното, колку Ви помогна да го откриете чистилиштето и во себе повторно да ги воскреснете силата и вербата во доброто?
Ризоска-Јовановски: Уф, ова прашање е многу тешко бидејќи со овој филм како и јас самата да ја започнав најважната битка во животот. Филмот го почнав во време кога бев скршена во секаква смисла, кога мислев дека нема да го најдам патот за да продолжам да живеам нормално покрај сите удари и неправди што ми ги донесе животот. Животот беше многу суров кон мене, но истовремено и многу ме научи... Морав да се научам да живеам со болката што ја чувствувам за моите изгубени блиски... Бев свесна дека болката нема да престане да боли и да крвави и дека минатото ќе нè следи дури знаеме за себе... Но кога го почнав овој пат, секое видување и зборување со дервишите, со нивните шехови, за мене беше момент на согледување на една друга димензија - да научиш да живееш и да се стремиш да ги зачуваш во своето срце оние што ги сакаш, а кои заминале засекогаш. Се научив сите пораки што допреа длабоко до мене да ги пренесам и до другите, така знаев дека сум ги зачувала од заборав оние што ме создале на овој свет и кои ме научиле да ги почитувам луѓето според нивното однесување, а не според нивната религиска, етничка, духовна определба. Болката по мојот покоен брат ме гореше како оган, но токму таа ме натера да продолжам по патот на создавање дела, а не уништување човекови вредности, нешто што стана секојдневие на многумина. Битката беше моја, беше лична и ми даде сила и можност да дојдам и до најсуптилните прашања што беа главна замисла да ја прикажам уметноста на дервишкиот танц и како фонтана, но и како сунѓер. Колку многу сакав тие пораки да пристигнат до луѓето што ќе знаат да ги распакуваат пораките на овие духовни водачи и учители, нивните ученици, нивните симпатизери, да знаат да ги протолкуваат. Сакав да можам да допрам и до најтаинствените обредни активности на дервишите, но бев пресреќна што и руфаите и халветите ми дозволија да го документирам целокупниот процес на трансценденцијата на дервишкиот танц, при што ми го пренесоа и личното доживување на целокупниот обред. Иако бекташите се потаинствени и нивниот обред се одвива во длабока тајност, сепак, низ животните приказни на дервишот Муталиб можевме да дојдеме до низа мудрости што како отворена книга допираа до нас... Имено, за бекташите научив многу и од покојниот баба Таир, мислам дека тој имаше пресудна улога да посакам да ги истражувам...
Велат дека ништо во животот не е случајно, па така ни овој пат на моите истражувања поврзани со патот на дервишите. По секое истражување за нив јас бев поинаква, појака, духовно побогата бидејќи тие ми помогнаа да сфатам дека не се разликуваат по својата мисија и визија и од крајната цел на монасите во христијанскиот свет, а наедно направив и многу истражувања и многу научив и за себе и за христијанството како религија во чија основа ја има љубовта.
Токму така, и овие монаси на исламскиот свет ми ја вратија вербата во доброто, тие ми ја вратија вербата дека сè уште многу луѓе работат на својата духовност, дека тие му се предадени на највозвишеното воздигање за да се осознаат себеси преку патот за да се осознае Бог. Тој пат беше и мое чистилиште за да барам нови и сопствени патишта со силен акцент врз индивидуалноста и оригиналноста на креативното.
Премиерата на филмот „Патот на дервишите“, која се одржа на 23 декември 2016 година во Кинотека на Р. Македонија, за мене беше многу значајна, но не поради публицитетот, туку напротив, тоа ми беше потврда дека мора да продолжам да создавам и заради себе и заради тие на кои им се наменети делата, како и поради мојот бато бидејќи тој беше мојот учител, мојата морална поддршка, а и финансиска поддршка за сите мои филмови. Поради него и поради моите родители не смеев да застанам, не смеам да застанам ниту заради моите синови бидејќи тие секогаш се со мене, не само во семејната сфера туку и во професионалната. Многу сум горда што ги носев со мене на сите мои истражувања. Така научија да ги почитуваат разликите кај сите битија, научија да препознаваат нешта со кои ми помагаат да дадам целосна перцепција на сето она што е во опсегот на нашите истражувања.

МАРИЛИ: Инспирацијата од дервишкиот танц за патот до вистината продолжува и во продукцијата на уште еден Ваш документарец, насловен како „Ти си Алеф“, каде што главната приказна ја раскажува актерот Игор Џамбазов. Кога може да ја очекуваме премиерата на овој филм?
Ризоска-Јовановски:
Како што реков и претходно, ништо во животот не е случајно, па ни Алеф, кој стана мој духовен учител, мој најверен пријател и некој што несвесно ми го трасираше патот на спокојот и хармонијата за да можам да почнам одново да гледам на животот како на нешто највозвишено, највредно и да знам како да направам еден нов модалитет на моето бунтовништво против неправдата, т.е. Алеф ме водеше по патот на вистината и на љубовта.
При документирањето на зихрот кај руфаите тука во Скопје, момент што никогаш нема да го заборавам и кој ми отвори нова перцепција како појасно да можеме да ги согледаме работите, односно кога одблизу можеш да го видиш животот што пробива и струи од сите страни, момент кога се прашуваш како ти да бидеш една од тие избраните за да ти дозволат да ја гледаш трансценденцијата, т.е. мигновно да го видиш едноставното кај тие што го доживуваат или го живеат, тоа како да се допреле душите до неповторливиот допир, нешто како дрвце до кибрит, вода до оган, рака до гради и сфаќаш дека во тој миг тоа е најосновното нешто.
Е, токму во тој миг кога го видов и го доживеав сето тоа, седнав да разговарам со шехот Муртезан. Многу бев среќна, возбудена, имав чувство дека сум избрана затоа што ми дозволија да го документирам тоа и му реков: Почитуван, колку сум Ви благодарна што ми дозволивте да бидам тука, да го снимаме сето ова, а јас, сепак, сум православна. А тој ми рече: Ти, православна? Ти не си православна.
Јас дури бунтовно се спротивставив: Но што велите, јас сум православна, но, сепак, многу ми значи што ми овозможивте да го забележам ова.
А тој ми одговори: Ти не си православна почитувана, ТИ СИ СÈ!!!!
Тие зборови толку силно ми одекнаа во длабочината на моето битие што ми се чинеше дека ништо потоа не слушам. Кога се вратив дома ѝ се јавив на мојата пријателка Весна и ѝ раскажав за сè, па и за последниот разговор со шехот Муртезан.
А таа со посебен восхит ми рече: Па, да, ТИ СИ АЛЕФ. Од таа вечер никогаш не престанав да мислам на Алеф.
Следуваше нова етапа за размислување, истражување и на крајот одлучив дека веднаш ќе почнам со снимањето на филмот „ТИ СИ АЛЕФ“. Најпрвин немав претстава каде ќе ме однесат истражувањето и снимањето, но некако како сè да течеше како река што немаше запирање. Алеф беше мојата река, тој извираше секој ден со нови идеи...
За мојата идеја морав да му се пофалам на долгогодишниот пријател и соработник Игор Џамбазов, знаев дека тој ќе ме разбере и ќе го сфати мојот порив за да го овековечам Алеф... Слушајќи ме, тој ми рече: Тој твој Алеф и мене ме замисли, чекај смири ја во тебе мислата, сè ќе направиш.
А јас му велев: Пријателе мој, мене ми треба Алеф, некој вистински да го претставува мојот Алеф, мојот духовен учител, некој што требаше да ги претставува сите божества во едно.
Во тој миг и двајцата знаевме дека Алеф е тука и дека токму Игор Џамбазов е тој што ќе го претстави Алеф така како што му го опишував... И така започна сè... Нашата приказна немаше само име туку го имаше и Алеф, кој навистина личеше на некој што со векови чекал да дојде и да им каже многу нешта на луѓето, за луѓето што веќе имав истражувано многу нешта.
Игор толку автентично ја одигра улогата на Алеф, што понекогаш ми се чини дека ниеден лик подобро не му соодветствувал... Многу сум и среќна и горда што токму тој го игра Алеф во мојата филмска приказна. На тој начин „Ти си Алеф“ доби форма на играно-документарен филм.
Овој филм многу ми значи, премногу... Премиерата на „Ти си Алеф“ ја планирам за крајот на мај или на почетокот на јуни. За сè не се потребни само време, идеи, размислувања, организација, туку и средства. Филмот „ТИ СИ АЛЕФ“ го направив без поддршка од ниедна институција, го направив со наши средства, со моите синови, со моите пријатели, со луѓето што ми помогнаа да го финализирам.
Филмот претрпе неколку промени и затоа дури сега како конечен финален производ замина на Филмскиот фестивал во Анкара.
Верувам дека со помош на многу искрени пријатели ќе организирам премиера, па дури си ја замислив и бројката од дури 600 поканети гости. Планирана е богата програма чија цел ќе биде да ја прикаже средишната точка на универзумот низ низа споеви на различности. Не би сакала сè да откријам, сакам тоа да биде изненадување за гостите.
Патот на дервишите и патот на неуморниот патник Алеф ми влеваше доверба дека сè уште има луѓе, ама луѓе во вистинска смисла на зборот. Сега тоа е мојот пат, да создавам и да верувам дека тој пат на создавање за различните култури и традиции, всушност, е мојот животен пат.

МАРИЛИ: Правењето документарни филмови стана Ваше изразно средство со целата комплексност на Вашата стручност и креативност. Кажете ни колкав ангажман и напор се потребни за да се направи еден филм?
Ризоска-Јовановски:
Да, филмот не само што стана мое изразно средство за да ги прикажам мојата стручност и креативност туку и мој најверен пријател, да, токму така, филмовите се мојот живот, таму можам да се изразам бидејќи оставам простор и за внатрешна и за надворешна дијалектика. Тој дискурс ми дава живот, таму ја канализирам сета онаа длабоко всадена идеја што води потекло можеби и од миговите на моето осознавање за светот и за сè во светот... Имам чувство како да сум ги собирала моите истражувања несвесно, уште од дете... Умешноста на изразување преку филмот е во тоа да се прикажат нештата што не може поинаку да се видат, да се доловат, да се доживеат... Сето тоа споено со авторската музика, со наративниот текст, спојот на сцената, улогата на оние што не се ни свесни дека преку своето живеење или дејствување се најважни двигатели на современоста, дека тие стануваат белег на времето и на просторот... И така знаеш дека барем во мал дел ја пишуваш историјата во најоригиналната форма, нема артисти, нема актери, има само битија што си го живеат тоа што го научиле или го доживуваат за да ни го прикажат, без да се свесни дека тие се времето, тие се чуварите на едно време, тие се незаборавот...
За да му се посветиш на филмот во сета комплементарност треба да се откажеш од сопствениот живот, од сопствените навики. Тоа бара преданост, дисциплина, многу енергија, многу сила за да умееш да дејствуваш во сите моменти. Правењето филмови има и многу препреки, има многу тешкотии во комуникацијата, бара многу координираност во тимот, но и многу финансиски средства. Патот на дервишите беше финансиски поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија, но тоа беа минимални средства за да се направи еден документарен филм по сите стандарди. Повторно благодарејќи на пријателите, па дури и на помошта од ДРИСЛА филмот не само што имаше финален производ туку имаше и премиера.
Премиерата беше организирана на највисоко ниво од луѓе што сакаа да останат анонимни, укажувајќи ми дека добрината не е вистинска добрина ако е кажана јавно.
Уште еден доказ дека не само што постојат добри луѓе туку тие знаеја колку ми значеше пренесувањето на пораките од дервишите до луѓето за да можат и тие да ги пренесуваат понатаму.
Тоа значи дека сè уште настапувам со ентузијазам во мојата филмска уметност и не жалам за ниедно филмско остварување бидејќи секој филм е како мое дете што сум го носела во себе и кое сум го родила, но треба и да го пораснам.

МАРИЛИ: Какви очекувања имате за проектите во 2017 година, но и во однос на професорскиот ангажман? Колку време имате за пријателите?
Ризоска-Јовановски:
„Патот на дервишите“ беше мој десетти, јубилеен филм, потоа дојде филмот „Ти си Алеф“, а оваа година го финализирав и филмот „Кон традицијата и назад“.
Во тек е проектот поврзан со заедничките празници кај одредени етникуми, се надевам дека и со него ќе оставам своевиден белег за нашата традиција, за заедничките елементи во празничните обредни практики.
Моите пријатели? Ним им должам големо извинување бидејќи и покрај мојата преголема желба да споделувам моменти со нив, јас морав да му се посветам на ова што го работам. Јас сум универзитетски професор и имам големи ангажмани поврзани со студентите, не само со предавања туку и со дополнителна работа за да не им пренесам само знаење туку и љубов кон истражувањата. Бидејќи велат дека не е уметник тој што создава, туку тој што ги инспирира другите да создаваат. Многу сум среќна што имам колеги со кои успешно функционираме во сферата на образовната едукација, образовната култура и академската сфера, каде што колективно ја создаваме целината за една патека на студентите како да станат движечка сила на општествениот поредок и развој.
А јас и моите блиски пријатели, или како што јас ги викам моите блиски души, можеме да се видиме и кога не се гледаме, нашата поврзаност не разликува ниту простор ниту време, нашите души секогаш се поврзани. Тие можеби се малку на број, но мене ми се моето сè бидејќи со нив, заедно го одвоивме „вистинскиот“ од „лажниот“ свет. Некои мои пријатели живеат и многу далеку, но секој збор упатен кон другиот за нас е посебен свет, тоа се размени на мисли и убедена сум дека, ако сум жива и здрава, некогаш ќе ги публикувам. Многу сум им благодарна што постојат, што сме дошле со душите едни до други, дека се разбираме и кога не зборуваме.
Моите синови, моите внуци од брат ми, моите пријатели, моите студенти, моите филмови - тоа е мојот свет, тие се чуварите на мојата душа. А љубовта, таа е насекаде околу нас во различна форма. За љубовта и за вистината ќе оставиме да ни раскаже филмот „ТИ СИ АЛЕФ“ напролет бидејќи тоа е вистинското време љубовта да се помириса со сите сетила на душата.
Или како што рекол Умберто Еко: „Отсуството за љубовта е она што е ветерот за огнот: го гаси малиот пламен, но распалува голем“.
Посакувам цел живот да можам да патувам, да осознавам нови хоризонти, да запознавам многу култури, да дојдам до душите на нивната светост, до нивната ритуалност одблизу... Посакувам копнежот за сето ова никогаш да не изумре во мене бидејќи без него ниту ќе постојам јас ниту моите дела...
И на крајот само би дополнила дека и космосот поинаку се врти кога огнот ја љуби водата, а ветрот ја гали душата на оној што тргнал по патот за да осознае сè за неа...


 

Содржината е прочитана 3172 пати.