Бизнис вести

Промовирани руско-македонски поштенски марки

Со заеднички поштенски марки на Македонска пошта и Поштата на Русија со мотиви од црковна архитектура во Охрид и Санкт Петербург ќе се промовира и развива туризмот.

вторник, 07 февруари 2017

Со заеднички поштенски марки на Македонска пошта и Поштата на Русија со мотиви од црковна архитектура во Охрид и Санкт Петербург ќе се промовира и развива туризмот.

Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак вчерашната промоција потенцираше дека на македонската марка, е претставена црквата Св.Јован Богослов -Канео која се наоѓа на живописното место на брегот на бисерот на Македонија - Охридското Езеро, позната во државава и странство. На руската марка, пак, посочи Шчербак, е црквата „Света Троица“ која е меѓу најпочитуваните духовни светлишта на Русија. Во неа се наоѓаат ремек делото од рускиот иконопис - лик на Света Троица од 15 век, како и делови на моштите на Василив Велики, Јован Златоуст и Григориј Богослов.

Номиналната вредност на поштенската марка, отпечатена во тираж од 10.000 примероци, е 144 денари. Нејзин автор е Лоран Фало од Бирото за филателија на Македонија. Заменик-директорот на Македонака пошта Гоце Боболински очекува новата марка како мало уметничко дело да се најде на поштенските пратки и во колекциите на голем број филателисти, но и да помогне за промоција и развој на туризмот.

- Поштенската марка е многу повеќе од плаќање поштарина за поштенските пратки. Таа претставува предизвик како за издавачите така и за самите колекционери, пред се поради содржината или пораката којашто тие ја праќаат, истакна Боболински.

Издавањето на поштенската марка е и дел од активностите за одбележување 23 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија. - По тој повод треба да се истакне дека односите меѓу нашите два народа не се исцрпуваат само со овој многу краток временски период, туку имаат длабоки и цврсти темели, заеднички повеќевековни духовни, јазични и културни корени, рече амбасадорот Шчербак.

Во Русија, нагласи, постои голема симпатија кон пријателскиот, братски народ во Македонија, ние високо го цениме постигнатото ниво на развој на нашите односи. - Во сите времиња тие се градат врз основа на рамноправноста, заемно почитување и немешање во внтарешните работи што претставува главна особеност на нашите односи. Убедени сме дека истите имаат голем потенција. Руската Федерација е подготвена за натамошно унапредување на соработката со Република Македонија во сите сфери, на толку длабока и широка соработка, колку за тоа се подготвени нашите македонски партнери и пријатели, рече амбасадорот Шчербак.

Потсети на помошта од Русија за поплавените подрачја во Македонија во август минатата година која ја дистрибуираше во соработка со македонската Дирекција за заштита и стопасување. Како знак на благодарност амбасадорот Шчербак на промоцијата додели почесни медали на руското МНР „За сојуз во име на спасување“ на директорот на Дирекцијата Шабан Салиу и на началникот на одделението за техничко обезбедување на Дирекцијата Димитар Митевски.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 579 пати.