Култура

Михаилова Бошнакоска, Пандева, Николовска и Поповски добитници на годишните награди на ДПМ

Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) ги соопшти добитниците на наградите за најдобри книжевни остварувања во 2016 година.

четврток, 02 февруари 2017

Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) ги соопшти добитниците на наградите за најдобри книжевни остварувања во 2016 година.

Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга и е доделена на Гордана Михаилова Бошнакоска за стихозбирката „Песна на ридот“, наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга ја доби Лилјана Пандева за романот „Доилката“, наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга од областа на литературната критика и есејот и е врачена Кристина Николовска за „Светлинска“, додека наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби Александар Поповски за стихозбирката „И по сто пати“.

Како што беше речено на прес-конференција, наградите на авторите ќе им бидат свечено доделени на 16 февруари, Денот кога се одбележува формирањето на ДПМ.

Михаилова Бошнакоска е присутна во македонската поезија преку 50 години и има напишано 15 книги. – Оваа значајна награда го одбележува целиот мој творечки век, истакна таа.

Според Пандева, „Доилката“ е современ роман исто како што е и првиот роман на Стале Попов, „Крпен живот“. – „Доилката“ базира на информации, факти, раскажува историска приказна што се случила многу одамна, нагласи авторката.

За Николовска наградата „Димитар Митрев“, како што напомена, претставува највисока гордост. – Ова е потврда за сите мои повеќегодишни заложби и посветеност на литературата, јазикот, речта и книжевноста, посочи Николовска.
И Поповски изрази благодарност за признанието. Овој долгогодишен уредник во „Детска радост“ рече дека е трагедија она што се случува денеска со литературата за деца. – Во времето на „Детска радост“ имаше години кога пристигнатите ракописи не можевме да ги сместиме во оние 20 до 25 проценти колку што предвидуваше годишната програма. За жал, денес ситуацијата со литературата за деца е сосема поинаква. Нашиот најмлад антологиски писател има 65 години, подвлече Поповски.

На прес-конференцијата претседателите на жири-комисиите ги прочитаа и образложенијата за доделените награди.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 299 пати.