Интервјуа

Интервју со господин Иван Туџаров, генерален менаџер на „Реплек Фарм“ ДООЕЛ - Скопје

Сите сегменти од нашата фабрика работат беспрекорно и ја следат европската регулатива. Доказ за тоа е европското ГМП што го имаме веќе неколку години. Овој стандард ни дава можност нашите производи да се продаваат на европскиот пазар. На почетокот „Реплек Фарм“ беше мала фабрика, почнавме со 30-40 вработени, а сега имаме 400 вработени. Имаме започнато голем број проекти и договори за соработка. Планираме нови вработувања и проширување на производните капацитети.

среда, 01 февруари 2017

МАРИЛИ: Господине Туџаров, Вие сте генерален директор на „Реплек Фарм“ ДООЕЛ -Скопје, ќерка-фирма на „Реплек“ АД. Накратко да ги потсетиме нашите читатели на историјата на „Реплек Фарм“ како комплетно опремена фабрика за производство на лекови и помошни лековити препарати?
ТУЏАРОВ:
Идејата за „Реплек Фарм“ се појави уште во 1999 година. Имавме значително искуство во трговијата со лекови, медицински помагала и со дентални производи и целото свое знаење го вложивме за да го реализираме нашиот сон, да изградиме фабрика. Првите проекти ги почнавме уште во 1999 година. Искористивме дел од просторот со кој располагавме и во 2001 година фабриката беше изградена. Нашата идеја стана реалност и „Реплек Фарм“ почна со работа.
Веќе во 2002 година ги регистиравме првите препарати во Македонија, а потоа продолживме со регистрациите и во други држави. Денес, по 16 години може да бидеме горди на нашите регистрации во 26 земји. Процесот на градење фабрика за лекови е многу комплексен и тежок. Првите 10 години од работењето на фабриката се клучни, треба да се формираат содветни тимови, стручни кадри и да се екипираме и најпосле заедно да се унапредуваме со една цел - да ја развиеме нашата фабрика до европско ниво. Сосема поинаква била состојбата со фабриките од времето на СФРЈ, тие имале голема територија за продажба и произведувале лекови за 20 милиони луѓе. Во тоа време ние се соочивме со мал пазар. Почетоците беа тешки, првите регистрации беа во државите од поранешните ЈУ-простори, потоа следуваше освојување на рускиот пазар, па Блискиот Исток и денес со гордост можеме да кажеме дека успеавме.
Генерално сме задоволни од постигнатото. Ние сами ги развиваме своите препарати. Во секторот „Развој и истражување“ се прават проби со различни активни компоненти, потоа се анализираат во нашата лабораторија, и кога ќе ги добиеме позитивните резултати , препаратите ги следиме на стабилност. Кога ќе добиеме производ кој ги задоволува поставените параметри се подготвува регистрациско досие и се поднесува за регистрација .
Сите сегменти од нашата фабрика работат беспрекорно и ја следат европската регулатива. Доказ за тоа е европското ГМП што го имаме веќе неколку години. Овој стандард ни дава можност нашите производи да се продаваат на европскиот пазар. На почетокот „Реплек Фарм“ беше мала фабрика, почнавме со 30-40 вработени, а сега имаме 400 вработени. Имаме започнато голем број проекти и договори за соработка. Планираме нови вработувања и проширување на производните капацитети .

МАРИЛИ: Кои се основните типови производство во „Реплек Фарм“ ДООЕЛ и со што е опремена оваа современа фабрика од фармацевтската индустрија?
ТУЏАРОВ:
Основна дејност на фабриката е производство на лекови: таблети , филм обложени таблети, капсули, сирупи, масти, супозитории и кремови.
Исто така, имаме дел каде што произведуваме додатоци во исхраната и козметика. Наша цел е сите производи да бидат квалитетни и произведени според највисоки стандарди. Доказ за тоа е извозот на нашите препарати во Англија.
Еден од последните проекти е работа со медицинска марихуана, производство и екстракцијата на масло од канабис. Имаме два типа на производи со различен состав: линијата „Каноил“ се гранични производи кои во својот состав содржат ЦБД ( канабидиол) непсихотропниот дел од канабисот . Тоа е делотворна активна компонента потврдена со голем број клинички студии. Додека производите од линијата „Канобил“ се лекови кои во својот состав содржат ТХЦ (тетрахидроканабинол ) и ЦБД ( канабидиол).
Ние први на македонскиот пазар, без никакви предрасуди влеговме во овој проект. Две години работевме на проектот, ги посетивме сите земји во Европа што работат со овој тип на производи. Со една цел ,да собереме знаење и искуство за нешто ново, сосема непознато за нас. Во рамките на законските одредби најпрво започнавме со производство на гранични производи (масло од канабис со ЦБД ) а потоа и лекови, комбинација на ЦБД и ТХЦ.
Линијата ја проширивме и сега, покрај маслата, произведуваме супозитории и масти. За нашите производи се заинтересирани голем број партнери и интересно е да напоменам дека нивниот квалитет е потврден и од строгиот американски пазар. Добивме сертификат што го потврдува квалитетот на нашиот производ. Кога имате квалитетен производ, не постои лабораторија во светот што може да го оспори тоа. Во фармацевтската индустрија не се дозволени грешки.

МАРИЛИ: Вo јавноста се слушнаа коментари дека не се доволно јаки капките од канабис што ги произведувате?
ТУЏАРОВ:
Концентрацијата во нашите производи е строго дефинирана од Агенцијата за лекови. Агенцијата формира комисија што првично ги одреди дозите на препаратите. Постојат повеќе комбинации, почнавме со пониски дози и постепено ги менуваме во согласност со препораките на нашата Агенција. Не станува збор за јаки и за слаби капки, тука за строго контролирана и потврдена концентрација. Конечно, пациентите имаат избор да добијат проверен и безбеден производ.
Македонија храбро го легализираше овој производ и во донесувањето на законот беше пионер заедно со Хрватска. Сега и другите соседни земји го подготвуваат законот за употреба на канабисот во медицински цели.
Производите што досега пациентите ги набавуваа „на црно“ се со сомнителен квалитет и не се безбедни. Ние, како сериозна фармацевтска компанија, произведуваме препарати со строго дефиниран квалитативен и квантитативен состав и тие се произведени под високи стандарди, со јасно дефинирани параметри за квалитет. Во однос на препораките и дозите ги користиме најновите научни достигнувања.

МАРИЛИ: Има ли шанси канабисот да го пласирате надвор од Македонија?
ТУЏАРОВ:
Да, има можност за влез на странските пазари, направени се преддоговори за поголеми количини затоа што, сепак, станува збор за големи земји. Целта е да го прошириме производството, наш предизвик е освојувањето нови пазари.

МАРИЛИ: Колку се вложува во развојот и во истражувањето во „Реплек Фарм“, со оглед на секојдневниот динамичен пробив на фармацијата во светски размери?
ТУЏАРОВ:
Во зависност од годината, во просек, вложуваме околу два милиона евра за развој на нашите производствени капацитети, за набавка на нова опрема и за развој на нови препарати. Вложуваме во повеќе сегменти и во сите сектори, не само во софистицирана опрема туку и во самото производство, во развојот и, секако, во делот на контрола на лекови. Фармацијата е жива материја, многу е доходовна, но и многу скапа. По авионската и автомобилската индустрија, трета најскапа индустрија е фармацевтската. За да се држи чекор со најновите достигнувања неопходни се континуирано вложување и унапредување на целокупниот процес. Регулативата за лекови се менува постојано, се воведуваат нови правила и прописи во сите сегменти од производството, во делот за обработка на воздухот, на температурите, нивната контрола, валидацијата на сите процеси и опрема. Постојано ги следиме сите овие прописи, со цел да се одржи квалитетно и безбедно производство и, се разбира, за обновување на сертификатот ГМП што се ревидира на три години. Ако не ги следите сите овие прописи и препораки, може да се случи да ви го одземат сертификатот што е единствен услов да работите во рамките на ЕУ. Истовремено, во однос на активните компоненти, ги следиме прописите на европската фармакопеја што постојано се менуваат. Во зависност од земјите каде што извезуваме, мора да ги почитуваме и другите валидни фармакопеи (англиската, американската или руската). Секој пазар е приказна за себе и тој инсистира да се применува неговата фармакопеја во однос на лековите.

МАРИЛИ: На кој пазар е најтешко пласирањето?
ТУЏАРОВ:
Тоа, секако, е пазарот на Русија. Максимално се трудиме да се адаптираме на моменталните услови. Беше тешко кога имаше проблем со нивната валута, но, за наша среќа, сега рубљата е стабилна и проблемите се надминати.

МАРИЛИ: Дел од развојот на производството насочивте и кон козметиката со тоа што постојано ја дополнувате козметичката линија „Heaven 7“. Кои се главните предности на оваа исклучително квалитетна домашна козметика и дали со неа сте присутни на светскиот пазар?
ТУЏАРОВ:
Решивме да се обидеме и во оваа област и можам да кажам дека проектот е навистина успешен. Почнавме со линија на козметички производи со посебна намена. Станува збор за производи што третираат различни состојби на кожата. Тука има производ против акни, против лузни, против прекумерно потење, за олеснување на симптомите од псоријаза и слично. Сите производи се произведени според највисоки стандарди и со висококвалитетни состојки. Подоцна дел од овие производи беа произведени под англискиот бренд „Cloud 9“. Тоа се нашите производи од линијата „Heaven 7“, спакувани и произведени за англискиот пазар. За кратко време овие производи го освоија англискиот пазар и во конкуренција на најпознатите светски брендови освоија многу награди. Охрабрени од првичните успеси лансиравме уште една линија што е наменета за зрела кожа „Heaven 7“ Biocellular ANTI-AGE. Трите производи од оваа линија содржат голем број активни компоненти, висококвалитетни суровини и слободно можам да кажам дека им конкурираат на најпознатите брендови. Наградите што ги добивме по една година присуство на англискиот пазар укажуваат на нивниот квалитет. Европскиот пазар е многу строг во однос на козметиката и затоа овие награди ни се посебно значајни. Во конкуренција на повеќе од 50 бренда, меѓу нив брендови како што се „Лореал“ и „Виши“, ние добивме трета награда за нашиот крем со авокадо и Б12. Тоа ни обезбеди можност за пласман на овие производи и на американскиот пазар. Во меѓувреме линијата ја проширивме со два нови производа против брчки за околу очите и за избелување на дамки. Главна цел во развојот на овие производи е да бидат природни, без конзерванси, без парабени и вештачки бои. Целото наше искуство и знаење од производството на лекови го употребивме и во производството на козметички препарати. Поради тоа овие производи се висококвалитетни и сигурни.
Исто така, се внимаваше и цените на овие производи да бидат прифатливи за македонскиот стандард. Во просек, цената од 10 евра е сосема солидна ако се земат предвид квалитетот и составот на овие производи. Постојано развиваме нови препарати, како за македонскиот, така и за англискиот пазар. Имаме еден препарат, односно лек што го произведуваме за нашите партнери од Англија. Тоа е голем успех за нашата компанија, но и за нашата држава.
Македонски препарати во Европа. Успехот се должи единствено на квалитетот и, се разбира, на конкурентната цена.

МАРИЛИ: Во поранешна Југославија фармацијата беше една од најсилните индустрии и до денес стабилно се одржува на овие територии. Според Вашите размислувања, зошто не опстанаа другите индустрии, односно кои се главните пропусти поради кои нашата економија е во оваа состојба?
ТУЏАРОВ:
Конкретно, во Македонија најголем проблем се менаџерите. Тие се клучните играчи што би требало да ја преземат одговорноста за состојбите во нивните компании. Не е прифатливо да влезат во некоја фабрика, приватизирана или неприватизирана, само со една цел - да остварат личен профит без никаква идеја како да го прошират бизнисот. Мора да постои визија за унапредување на работата. Имајќи предвид дека имаме специфична работа, ние настојуваме нашите вработени да бидат адекватно обучени, така што се вложува во нивното доусовршување, како во земјава, така и надвор, вложуваме во нова опрема, работиме на модернизацијата и на иновацијата, а сè со цел да бидеме интересни на пазарот. Ниеден менаџер не смее да си дозволи монотон и застарен бизнис. Будно следиме сè што се случува во светот, во тек сме со сите новитети и препораки. Можеме да имаме добри производи, но без солидно менаџирање производите ќе останат во магацинот. Во секој бизнис задолжително е потребно и постојано подмладување на кадарот. Ние имаме отворен конкурс и секој студент на фармација што има просек над 8,5 е добредојден во нашата компанија. Ако продолжиме со ова темпо инвестициите ќе бидат околу 12 милиона евра, планираме нови погони, комплетно опремени, со 100 нови работни места. Мора да напоменам дека нашата држава, за жал, им дава поголеми бенифиции на странските вложувачи, а ние домашните мора да се снаоѓаме сами. Јас планирам да останам овде, во мојата држава, тука да го развивам бизнисот, данок да плаќам во мојата земја, каде што живеат моите деца, а се надевам и нивните деца.

МАРИЛИ: Колку е важен извозот на „Реплек Фарм“ на странските пазари? Што извезувате во Руската Федерација и колку е специфичен тој пазар?
ТУЏАРОВ:
Да бидам искрен, без извоз, тешко може  да се зборува за успех. Без извоз не можеме да опстанеме. Секоја година се обидуваме да го прошириме пазарот во уште некоја земја. Во моментов извезуваме во 26 земји. Се надевам дека оваа година ќе го дополниме списокот барем со уште три земји. Колку повеќе, толку подобро. Истовремено се грижиме и за домашниот пазар и континуирано го снабдуваме со сите наши производи. Но, сепак, реалноста е дека 80 отсто од нашето вкупно производство се насочени кон извоз. Најважен ни е рускиот пазар и на годишно ниво тој постојано се зголемува за 10-15 отсто. Тоа е навистина специфичен пазар, прописите во Руската Федерација се менуваат и постојано се заоструваат. Донесоа голем број закони според кои не ги признаваат испитувањата што се направени надвор од Русија. Тоа значи дека при регистрацијата на лекови комплетната документација, клиничките испитувања и потврдата за квалитетот на препаратите мора да бидат испитани и потврдени од нивната агенција. Препаратите што се регистрирани во која било земја во Европа не ги земаат здраво за готово, туку повторно мора сè да биде проверено и потврдено од нивна страна. Не ги признаваат испитувањата што веќе ги имате, без разлика дали се направени во Шпанија, Англија или во Македонија. Од една страна, тоа е разбирливо, им веруваат само на своите институции, а на тој начин дополнително прибираат и големи пари, го полнат буџетот на својата земја.
Од друга страна, Русија со своите пријателски земји, меѓу кои Белорусија, Казахстан, Таџикистан и Киргистан, формира сојуз и во согласност со нивниот договор секој препарат што е регистриран во некоја од членките на овој сојуз може слободно да се продава во сите земји-членки на сојузот. Со тоа се зголеми пазарот за нашите препарати и сега добивме можност да продаваме лекови на пазар од 200 милиони жители. Генерално во Русија работиме со фабрики за лекови и нашите препарати ги извезуваме како производи „bulk“. Подоцна тие повторно ги пакуваат производите и ги продаваат под свои брендови. Секако, на нивната амбалажа има означување што покажува дека станува збор за препарат што е произведен во „Реплек Фарм“.

МАРИЛИ: Какви планови имате за компанијата за годинава и која е Вашата визија за блиска иднина?
ТУЏАРОВ:
Оваа година планираме да се развиваме во две насоки: првата е извоз на производите од канабис, верувам дека тоа ќе биде многу значаен проект со две-три земји и се надевам дека од ова ќе направиме мало македонско чудо и ќе го дуплираме прометот, а втората е во 2017 година да ги реализираме планираните нови три-четири земји за регистрација и продажба на нашите производи. Имаме поголемо искуство и не правиме разлика дали земјата е голема или мала. Работиме секаде каде што можеме да обезбедиме профит и промет за нашите вработени, за нашата компанија и, се разбира, за нашата земја. Прометот што го остваруваме од продажбата на домашниот пазар го наменуваме за покривање на режиските трошоци, струја, вода. Дел од другите приходи користиме за плати и дел за нови инвестиции. Како што веќе напоменав, 80% од производството е наменето за извоз, а само 20% е за македонскиот пазар. Се разбира, како што наоѓаме нови пазари, така го зголемуваме производството. Поголем извоз, поголеми инвестиции. Секогаш настојуваме 30% од нашиот промет да се вложат во нови инвестиции.

МАРИЛИ: Може ли да наведете неколку главни карактеристики што мора да ги има еден врвен менаџер, да почнеме од моралниот интегритет на личноста.
ТУЏАРОВ:
Моралниот интегритет е број еден. Менаџерот мора да се однесува како прв, но еднаков со сите. Кај мене ниту хигиеничарката ниту чуварот не чекаат за прием повеќе од 24 часа. Второ, тој никогаш не смее да мисли на личните потреби и средства. Треба да има визија како да направи повеќе за сите. Ако негова цел е само брз личен профит, тоа сигурно води кон пропаст. Трето, секогаш мора да биде близок и пријатен со луѓето, да го сакаат и да го почитуваат. Четврто, мора сериозно да мисли и да работи за иднината на фирмата. Петто, мора да се однесува како амбасадор на својата земја секогаш кога патува. Кога ја посетивме Холандија за проектот со канабисот, луѓето што имаат 22-годишно искуство со канабис беа изненадени од нашето познавање на работите и во неврзан разговор слушнавме дека сме придонеле да се смени нивното мислење за нашата земја и за нас како професионалци. Тоа беше навистина голем комплимент за сите нас. Добар менаџер знае дека најважен е тимот со кој работи, човекот како единка не може да успее.

МАРИЛИ: Колку е важна визијата на менаџерот, која е Вашата визија што Ве води во работата?
ТУЏАРОВ:
Визијата е најважната работа, таа секогаш треба да ве води напред. Јас имам визија дека ќе победам, а мојата победа е пласман на нашите производи во уште поголем број земји. Тоа е мојата визија и за тоа живеам. Мојата визија им ја пренесувам и на соработниците. Заедно да ги освоиме нашите мориња. Човек мора да им верува на своите соништа.

МАРИЛИ: Во канцеларијата имате многу бродови, споменувате мориња. Што Ви значат бродовите, освен освојување, успех?
ТУЏАРОВ:
Отсекогаш го сакам моделарството, ги сакам бродовите и авионите. Уште како дете почнав да составувам модели. Мислам дека така ја поттикнав трудољубивоста кон работата. Со часови трпеливо составував, бојосував брод или авион. Мислам дека тоа искуство ми помага и денес, па можам со часови, без никаква тешкотија, да седам на разни состаноци. Политиката не ме интересира, единствено гледам скијање, ги сакам фудбалот, екстремните спортови, Формула. Тоа се моите пасии. Не пушам и не пијам. Играм фудбал со другарите и често пешачам, при што настојувам да излезам од градот. Кога сум во Маврово, во Охрид, каде и да одам низ светот, секаде пешачам, сите градови сум ги поминал пешки затоа што само така може навистина да се доживеат.

 

 

 

Содржината е прочитана 6326 пати.