Култура

„Трудна приказна“ утре премиерно во Театар Комедија

Театар Комедија вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ по текст на Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.

вторник, 31 јануари 2017

Театар Комедија вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ по текст на Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.

Уметничкиот директор на Театар Комедија Андреј Цветановски на денешната прес-конференција ја соопшти програмата која ќе ја работат годинава, односно класици на комедијата. „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир е предвидена за 27 март со што ќе се одбележи петтиот роденден на Театар Комедија, „Човек, ѕвер и крепост“ во режија на Нени Делместре, на авторот Луиџи Пирандело и „Микс Чехов“ во режија на младите Димче Николовски и Теа Беговска од Драмски театар и „Развратникот“ од Ерих Емануел Шмит, а во режија на Здравко Митков.

Театар комедија предвидено е годинава да учествува на два фестивали со „Случајот Хармс“, на „Нитра фест“ во Нитра, Словачка и на „Сараевска зима“.

Цветановски истакна дека „Трудна приказна“ е поддржана од Министерството за култура и е дел од проект почнат во 2016 година со Црна Гора.

- Темата на проектот е кршење на традицијата и овој текст е дел од тој проект. Мислиме дека традицијата како една од основните теми во театарот може да ја разгледаме на еден современ, постмодерен, свеж начин и со млади авторски екипи и актери да стигнеме до очекувани резулати кои ќе го збогатат нашиот репертоар, рече Цветановски.

Дедовиќ, која е уметнички директор на театарот во Цетиње, истакна дека прва и единствена тема која сакале да ја актуелизираат е традицијата и модерното време. Според неа, исто така важно било и соочување со други важни теми како младиот човек, жена, проблемот на раѓање, технолошки манипулации, политичка бесмисла.

Благица Секулоска нагласи дека овој текст е препрочитување на традицијата и на македонската драматургија.
- Успеав да најдам женски карактери кои се во слична или идентична ситауција. Секоја од овие жени-Ленче, Неда и Цвета е во љубовен триаголник во оригиналните драми. И како потенцијален проблем во тие драми, од тоа што имаат проблеми со општествено уредување и традиција не можат да затруднат, рече Секуловска.

Таа рече дека ја искористила постмодерната, ги преземала овие драмски ликови и ги ставила во поинаков контекст, во 2032 година. Нагласи дека на ликовите им дава можност да се ослободат од стегите на традицијата и да забременат.

- За мене клучната порака беше - да се вратиме кон традицијата, да ги преиспитаме вредностите, да се вратиме кон природата и да го продолжуваме коренот и родот, рече Секулоска.

Во претставата играат Јелена Жугиќ, Елизабета Стефановска, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Иле Илиоски, Столе Мицов и Едмонд Сотир.

Костимографијата е на Марта Дојчиновска, музиката на Димитар Андоновски, а сценографијата на Милан Несторов, Сергеј Светозарев и Лидија Дедовиќ.

(Преземено од МИА)

 

 

Содржината е прочитана 344 пати.