Култура

Објавен романот „Дневниците од оризова хартија“ од Франческа Ридерк

Романот „Дневниците од оризова хартија“ од велшката писателка Франческа Ридерк излезе од печат во издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски. Романот е добитник на наградата „Велшка книга на годината“ во 2014 година.

среда, 25 јануари 2017

Романот „Дневниците од оризова хартија“ од велшката писателка Франческа Ридерк излезе од печат во издание на Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски. Романот е добитник на наградата „Велшка книга на годината“ во 2014 година.

Како што наведува издавачот, „Дневниците од оризова хартија“ е приказна за маргините на војната, базирана врз вистински доживувања. Четири испреплетени нарации го пренесуваат интимниот пустош во поединечните животи предизвикан од воениот конфликт. Пролетта 1940 година, тукушто мажената Елса Џонс им припаѓа на високите кругови во Хонг Конг, но набргу завршува во импровизиран јапонски логор за европската елита.

За романот, меѓу другото, „World Literature Today“ ќе напише дека станува збор за „елегантен прв роман исполнет со мирни и мудри забелешки, што успешно прикажува еден подзаборавен дел од историјата преку напнатите и фасцинантни односи на едно младо велшко семејство.“

- Во овој извонреден деби-роман, напишан според доживувањата на нејзината баба, Франческа Ридерк со чувствителност и проникливост ги обработува ефектите на војната врз еден импулсивен брак, како и сѐ поголемата сила и слабост на поединците соочени со војната и кризата, се наведува за книгата.

Франческа Ридерк (1969) е велшка раскажувачка и романсиерка. Од 2002 до 2008 година работи како уредник на списанието „New Welsh Review“. Нејзините раскази се објавувани во повеќе списанија и антологии, а се емитувани и на радиостаници како Би-би-си и Радио Велс. За деби-романот „Дневниците од оризова хартија“ ја добива наградата „Велшка книга на годината“ за уметничка проза во 2014 година.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 347 пати.