Интервјуа

Интервју со господин Игор Тулевски, извршен директор на Кардиолошки центри - Холандија

Петтиот самит на „Македонија 2025“ што се одржа во октомври 2016 година овозможи пренос на знаење од успешната дијаспора кон македонските иновативни компании. Главна тема беа новите технолошки достигнувања во светот од различни области, меѓукои и здравствениот сектор, каде што свое излагање имаше нашиот врвен кардиолог Игор Тулевски, кој истовремено е и извршен директор на Кардиолошките центри во Холандија. Тој зборуваше за најдобрите практики за остварување на здравствените услуги од далечина односно, употребата на справи и изуми кои го надгледуваат здравјето на пациентите и поттикнуваат на нивно само-одржување, без потребата од физичко присуство во клиника.

среда, 25 јануари 2017

МАРИЛИ: Господине Тулевски, имавме можност да ја слушнеме Вашата презентација на последниот Самит „Македонија 2025“, каде што го претставивте развојот на современата медицина поврзана со современите технологии. Може ли уште еднаш да се осврнеме на главните поенти на оваа презентација?
ТУЛЕВСКИ:
Пејзажот на здравствената заштита брзо се менува, големите податоци, геномиката и нанотехнологијата неповратно ќе ја сменат здравствената заштита што ние ја знаеме. Здравствената заштита мора да биде повеќе лична, попредиктивна, попревентивна, повеќе ориентирана кон пациентот. Новите концепти дополнително ќе ја унапредат здравствената заштита и ќе ја направат подостапна и попристапна за повеќе луѓе, идеална за секој што има потреба од неа и, без оглед колку илузорно изгледа тоа, ние мора да работиме во насока на остварување на овој идеал.

МАРИЛИ: Истакнавте дека во светски размери првпат технологијата се развива побрзо од демократијата. Колку во медицината во Холандија се имплементираат овие технолошки иновации, поконкретно во областа на кардиологијата од каде што доаѓате и Вие?
ТУЛЕВСКИ:
Кардиологијата во Холандија е заснована врз најсовремената технологија, тоа е средина каде што солидната обука, врвните истражувања и иновативната индустрија функционираат заедно за да се унапредува системот. Имаме голема среќа што живееме во богато општество што е подготвено да распредели доволно средства за здравствена заштита и за иновации. Меѓутоа, како и насекаде, постојат пречки и иновациите никогаш не се движат доволно брзо. Во овој момент имаме одреден вид технологија од стилот на „ѕвездените војни“ во систем од „семејството Кременковци“, што значи дека технологијата брзо се развива, а регулаторните тела имаат тешкотии да ги вградат промените.

МАРИЛИ: Зборувате за е-здравје и за телемониторинг, како и за пациенти што ќе носат апаратчиња што ќе ги даваат сите анализи и преку апликациите тие ќе доаѓаат до инфо-центарот и ќе се прави електронско досие на пациентот. За какви апаратчиња станува збор, може ли да ни кажете нешто повеќе за ова?
ТУЛЕВСКИ: Апаратчињата за носење (wearables) сè повеќе се прифаќаат од првите групи пациенти што ги користат, но нивното навлегување во редовната здравствена заштита се одвива донекаде бавно. Треба да се решат одредени пречки, но апаратчињата, дефинитивно, стануваат дел од дијагностичката опрема. Вршиме тестирање на инструменти за крвен притисок, ваги за мерење тежина, уреди за мерење на ритамот на срцето, уреди за мерење на заситеноста на крвта со кислород, глукометри, уреди за мерење хемоглобин и многу други уреди инкорпорирани во или со смартфони, алки, ленти околу градите, лепенки или преносни уреди, што е многу возбудливо.

МАРИЛИ: На Вашата презентација на Самитот нагласивте дека софтверот за овие апаратчиња се изработува во Р. Македонија. Тоа значи дека информатичките технологии се развиени и применливи и на нашите простори и кои се Вашите препораки во врска со тоа?
ТУЛЕВСКИ:
Ние навистина веруваме дека се одржливи само скалабилни концепти, особено за држави со ограничен буџет за здравствена заштита, како што е Македонија. Македонија може да ја искористи предноста во следниве циклуси и да направи здравствената заштита да биде попристапна и подостапна и покрај ограничените ресурси, така што брзо ќе ги имплементира иновативните и дисруптивните технологии. Но не сфаќајте ме погрешно, не постои лесен начин да се направи тоа. Ќе бидат потребни време, храброст, цврста визија и решителност за да се имплементираат иновациите во системот на здравствена заштита насекаде.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе и за нанотехнологијата во медицината, кои се нејзините предности и зошто велите дека медицината на иднината ќе биде предиктивна, превентивна и повеќе интерактивна? 

ТУЛЕВСКИ: Веројатно нанотехнологијата е следниот чекор; ако сфатиме дека патофизиолошките процеси се иницирани на целуларно и на молекуларно ниво, потребно е болеста да ја третираме на иста скала. Во овој момент не можеме да бидеме толку прецизни со достапниот третман, но тоа ќе се смени и во иднина ќе бидеме во можност ќелиите да ги таргетираме со селективна терапија. Од друга страна, комбинацијата од геномиката и многубројните податоци ќе ја зголеми предиктивната сила и најверојатно ќе ни овозможи да ги спречиме почетоците на одредени болести.

МАРИЛИ: Господине Тулевски, кажете ни нешто повеќе за Вас лично, за тоа кога заминавте во Холандија и како решивте да останете таму и како медицински стручњак да напредувате во оваа земја?
ТУЛЕВСКИ:
Во 1992 година отидов во Амстердам на подолг викенд и, всушност, оттогаш никогаш не заминав оттаму. Имав среќа и бев во можност да ги продолжам студиите по медицина на Универзитетот во Амстердам и едноподруго следуваа стажирање, докторат и работа на клиника сè до 2006 година кога решив да ја напуштам академската кариера и да почнам сопствена практика. Времето лета и постепено сфатив дека Холандија и Амстердам станаа мој дом бидејќи половина од животот го поминав во оваа земја.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе и за Вашиот академски ангажман бидејќи сте и доцент на Универзитетот „Нинрод бизнис“ во Холандија?
ТУЛЕВСКИ: Кардиолошките центри на Холандија остваруваат тесна сорабока со повеќето универзитетски и големи болници во земјата и ние им даваме многу интересни податоци, особено сега со концептот на телекардиологијата. Исто така, имаме професори по кардиологија, а за да ги одржиме нашите ветувања, ги комбинираме податоците со нашето академско образование за да генерираме истражувачки производ.

МАРИЛИ: Колку често доаѓате во Македонија, постојат ли места и драги пријатели со кои ги полните батериите и што најмногу Ви недостига од нашата традиција?
ТУЛЕВСКИ: Дефинитивно би сакал да бидам овде почесто бидејќи моите родители и брат ми и сестра ми со нивните семејства сè уште живеат во Скопје. Речиси секој агол и улица ми будат сеќавања. Поради различни обврски кога сум во Македонија имам збиен распоред и секогаш има толку многу работи да се видат и да се направат така што нема време за полнење на батериите, а животот во Скопје се одвива со полна брзина. Можам да ви кажам дека животот во Скопје е многу интензивен.

 

 

Содржината е прочитана 996 пати.