Бизнис вести

Костадиновски: Штетите од ниските темпeрaтури во земјоделството ќе се знаат напролет

Најголем дел од овошките не се оштетени од ниските температури што ја зафатија Македонија, покажуваат теренските анализи, но појасна слика за состојбите ќе има дури напролет, рече вчера заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

среда, 18 јануари 2017

Најголем дел од овошките не се оштетени од ниските температури што ја зафатија Македонија, покажуваат теренските анализи, но појасна слика за состојбите ќе има дури напролет, рече вчера заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за капиталните инвестиции во водостопанството, Костадиновски истакна дека влијанието на студот и снежните врнежи врз земјоделството постојано се следи. Секојдневна е и комуникацијата со земјоделските здруженија.

Снегот, рече Костадиновски, е благопријатен и добредојден за житните култури.

- Во комуникација сме со сите земјоделски здруженија поради врнежите од снег и ниските температури. Се прават анализи за евентуални штети кај овошните култури, но особено будно се следи ситуацијата со топењето на снегот. Тоа е всушност дел од редовното чистење на речните корита, каналската мрежа и управувањето со акумулациите, а целта е да се елиминира секаква опасност од какво било излевање, истакна заменик-министерот.

Според него, од претходното искуство, свеста за последиците од обилни врнежи е на повисоко ниво и менаџирањето со ваквите состојби е во вистински раце.

- Се надевам дека нема да имаме соочувања со негативни последици од топењето на снеговите, нивното влевање во речните корита и зголемувањето на нивото на водите во речните корита, па и во акумулациите бидејќи добро се следи состојбата. Снегот може само да обезбеди дополнителни количини вода. За тоа е неопходно нејзино правилно канализирање, да се насочи таму каде што е потребно, подвлече Костадиновски.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 618 пати.