Интервјуа

Интервју со г-ѓа Весела Честоева, директорка на Археолошкиот музеј на Р. Македонија

Ова беше прва македонска археолошка изложба во САД и основна цел ни беше да го прикажеме целокупниот развоен пат на накитот од нашата историја, а притоа одделно да се истакне секој историски период. Презентираните артефакти претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето што егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата до денес. Изложбата почнува со експонати од еден од најстарите историски периоди неолитот од пред 7.000 години. Изложбата целосно ги опфаќа праисторијата и богатствата од периодот на славното античко македонско кралство, потоа доцноантичкиот и средновековниот период и завршува со експонати од османлискиот период од минатиот век.

понеделник, 09 јануари 2017

МАРИЛИ: Почитувана Г-ѓа Честоева, да се осврнеме на настанот што значајно го обележа работењето на Археолошкиот музеј минатата година, односно изложбата на нашето културно археолошко наследство именувана како „Накитот низ вековите од Р. Македонија“ што се одржа во престижната „Галерија МЦ“ („Gallery MC“) во Македонскиот културен центар во Њујорк. Како дојдовте на идеја да организирате ваква изложба? Од кој периодот беа презентираните артефакти и кога се откриени на територијата на Република Македонија?
ЧЕСТОЕВА:
Ова беше прва македонска археолошка изложба во САД и основна цел ни беше да го прикажеме целокупниот развоен пат на накитот од нашата историја, а притоа одделно да се истакне секој историски период. Презентираните артефакти претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето што егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата до денес. Несомнено, накитот бил присутен низ вековите наназад во речиси секое човеково живеење носејќи ги во себе карактеристиките за периодот кога е создаден, но истовремено следејќи ги и тогашните технолошки достигнувања и модни трендови, изразувајќи ги моќта и статусот на носителот. Изложбата почнува со експонати од еден од најстарите историски периоди неолитот од пред 7.000 години. Изложбата целосно ги опфаќа праисторијата и богатствата од периодот на славното античко македонско кралство, потоа доцноантичкиот и средновековниот период и завршува со експонати од османлискиот период од минатиот век.
Како дополнување на изложбата беа претставени и неколку керамички тоалетни аксесоари за чување на античките скапоцени етерични масла, парфеми, шминки, кутии за накит и неколку избрани теракотни антропоморфни фигурини на кои изворно се претставени декоративни украсни елементи од накит со хронолошка карактеристика, а на тој начин станале вајарски запис за модните трендови во одреден историски период на нашата земја.
Сите експонати се добиени од голем број археолошките ископувања што се извршени пред седумдесетина години на повеќе десетици локалитети на територијата на Република Македонија, а најголем број од нив се откриени со капиталните истражувања финансирани од Владата на Р. Македонија во периодот од 2009 до 2011 година.
Изложбата ја отворивме јас, како директорка на НУ Археолошки музеј на Македонија, и г. Горазд Поповски, директор на „Галерија МЦ“ („Gallery MC“) во Њујорк. Носител на изложбата е НУ Археолошки музеј на Македонија, поддржан од Министерството за култура, за што изразуваме голема благодарност.

МАРИЛИ: Каква беше посетеноста на изложбата, дали за неа се интересираа наши луѓе, уметници и Американци? Со што ја направивте изложбата интерактивна и несекојдневна?
ЧЕСТОЕВА:
Со задоволство можам да кажам дека посетеноста на изложбата ги надмина нашите првични очекувања. Нејзината навремена и динамична промоција, како и атрактивноста предизвикаа голем интерес во Њујорк и дојдоа голем број посетители што не го криеја задоволството што имаат можност да видат ваква уникатна изложба на која беа претставени артефакти од нашата земја стари илјадници години. За жал, некои од нив првпат и се запознаа со Република Македонија, со нејзината историја, културното богатство, но и со денешниот живот. Поради тоа, сметаме дека изложбата целосно ја исполни својата задача како културен амбасадор и со гордост го прикажа нашето културно богатство.
Посебно сме горди на фактот дека изложбата успеа на едно место да ја обедини целата македонска дијаспора, ја посетија наши луѓе од Њујорк, Њу Џерси, Вашинтон, Чикаго, Индијанаполис, па дури и од Флорида. На отворањето на изложбата присуствуваа и амбасадорот и постојан претставник на Р. Македонија при Организацијата на Обединетите нации, Василе Андоноски, и генералниот конзул на Република Македонија во Њујорк, Горан Трајков. Пријатно нè изненади топлиот прием од посетителите и од реномираните светски уметници што нè удостоија со своето присуство и со позитивните коментари за изложбата. Тие првпат имаа можност да се запознаат со македонски археолошки експонати, а целосно ги освоија тие од нашето античко богатство. Посетителите беа фасцинирани од умешноста и од техниките со кои древните мајстори го изработувале накитот и од културните врски што ги имало нашето античко кралство со другите далечни земји, како Египет и Индија пред околу 2.500 години.
На посебна видеопроекција присутните имаа можност да се запознаат со природните и со културните убавини на нашата земја, со Скопје и со Археолошкиот музеј на Македонија. Накратко беа презентирани и досегашните достигнувања на музејот, но и најексклузивните археолошки наоди од Македонија што во оваа пригода немавме можност да ги презентираме. Посетителите, исто така, добија единствена можност да стават на себе неколку вида копии од антички накит и да се фотографираат со него.

МАРИЛИ: Колку дена беше поставена изложбата и како беше уредена концепциски? Кажете ни нешто за мултимедијалната презентација и за културните настани што беа организирани во рамките на изложбата, како и со што беше збогатен просторот на престижната „Галерија МЦ“?
ЧЕСТОЕВА:
Изложбата траеше 20 дена, од 10 до 30 октомври и концепциски беше претставена во четири дела. Освен вредниот археолошки накит, на изложбата беше претставен и богат акцесоарски прибор што е нераскинлив дел од накитот, односно беа изложени и керамички тоалетни садови за чување на накитот и разни етерични масла и парфеми. Исто така, беа изложени и неколку теракотни фигурини со декоративни украсни елементи од накит со хронолошка карактеристика. Изложбата беше дополнета и со мулдимедијална содржина и посетителите можеа да се запознаат со активностите што во текот на изминатите две години ги реализира НУ Археолошки музеј.
И последниот дел што предизвика голем интерес беше можноста посетители да стават на себе дел од богатиот накит, пред сè, мислам на комерцијалниот и да се фотографираат.

МАРИЛИ: Дали оваа изложба на артефакти од накит ќе може да се види и во Р. Македонија и кога би се реализирало тоа?
ЧЕСТОЕВА:
Секако, македонската јавност ќе може да ја види оваа изложба во Археолошкиот музеј на Македонија во март, веднаш по завршувањето на нашата традиционална годишна изложба на годинашните наоди од капиталните археолошки истражувања финансирани од Владата на Р. Македонија што ќе биде отворена на крајот на декември.

МАРИЛИ: Со оглед на автентичноста и убавината на артефактите од накит, дали посетителите на Р. Македонија ќе може да купат комерцијални копии? Што може друго да се најде во музејската продавница?
ЧЕСТОЕВА:
Музејската продавница работи во состав на Археолошкиот музеј на Македонија, секој ден од 10 до 18 часот, освен понеделник. Таму има повеќе од 600 вида копии на археолошки артефакти, книги, детска литература, игри и разновидни сувенири. Има повеќе од 50 вида накит што посетителите може да го купат, а се продава со соодветен музејски сертификат. Нашиот музеј, исто така, долг период соработува со одредени установи и министерства што редовно купуваат популарни комерцијални копии на артефакти за подароци и за културна промоција надвор од нашите граници.

МАРИЛИ: Што планирате за 2017 година и дали повторно ќе ги изненадиме големите европски и светски центри на културата со презентација на тоа што го поседуваме како археолошко културно наследство?
ЧЕСТОЕВА:
Најпрво би сакала да истакнам дека до крајот на годината Археолошкиот музеј на Македонија ќе реализира уште неколку значајни проекти, како што е промоцијата на Илустративниот водич за постојаната музејска поставка. Исто така, во состав на музејот ќе биде отворена Едукативна работилница, со што оваа институција ќе докаже дека им посветува посебно внимание на најмладите и на нивното идно надградување. Програмите за работа со децата и презентацијата на нашето културно богатство се разликуваат во зависност од нивната возраст - од моделирање, цртање и боење, видео игри или специфични предавања.
НУ Археолошки музеј на Македонија достави до Министерството за култура богата Нацрт-програма за 2017 година и се надеваме дека ќе биде прифатена. Меѓу планираните проекти има уште една голема изложба во светски центар, овој пат станува збор за Оксфорд.
Изложбата на која ќе бидат претставени и виничките теракоти е именувана како „Религиите во големите империи“ и ќе биде отворена во октомври 2017 година и ќе трае до јануари 2018 година. За македонското претставување ќе биде задолжен Археолошки музеј на Македонија во соработка со локалниот музеј Теракота од Виница. Изложбата произлегува од Меморандумот за соработка што беше потпишан во Министерството за култура на Република Македонија. Теракотните икони претставуваат светски раритет во областа на ранохристијанската археологија.

МАРИЛИ: Што значи да се биде на чело на институција што поседува непроценливо богатство, значајно за културата и за историјата на нашата земја? Дали најстресниот дел од работата е поврзан со носењето на нашето археолошко богатство на изложби во Европа и во светот?
ЧЕСТОЕВА:
Позицијата директор за мене, пред сè, значи голема одговорност. Тоа е голема чест, но во исто време се чувствувам и како чувар на целото културно наследство што го поседува Археолошкиот музеј.
Мора да истакнам дека оваа позиција носи и постојани стресови токму во делот кога националното богатство се изнесува со цел да се презентира пред светот и нормално е да се чувствува стрес додека се врати дома.
На крајот, сепак, сакам да истакнам дека токму афирмацијата на богатото културно наследство е нашиот најдобар амбасадор во светот преку кој нè препознаваат. Главна цел на овие изложби е запознавањето со богатото културно наследство на Р.Македонија, можност за соработка меѓу институциите и музеите, како и презентација на примената на новите технологии во начинот на презентација и користење на спомениците и на археолошките локалитети.


 

Содржината е прочитана 6138 пати.