Бизнис вести

Извозот на стоки од Македонија поголем за 5,4 отсто

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 241.950.630.000 денари (4.364.227.000 долари) и бележи пораст од 5,4 проценти во однос на истиот период од 2015 година, објави денеска Државниот завод за статистика.

среда, 04 јануари 2017

Вредноста на увезената стока, пак, во периодот јануари-ноември лани изнесувала 339.520.438.000 денари (6.130.290.000 долари) што е за 5,2 процента повеќе во споредба со истиот период од 2015 година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 97.569.807.000 денари, а покриеноста на увозот со извоз 71,3 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облека.

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во периодот јануари-ноември минатата година, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

(Преземено од МИА)
 
Содржината е прочитана 578 пати.