Култура

Промовирана публикацијата „Британски уметници од колекцијата на Остен“

Сатирични карикатури, цртежи и графики на Хенри Мур, Френсис Бекон, Едуардо Паолоци, Лин Чедвик, Бен Николсон, Ентони Крег, Тери Фрост,..., изработени во повеќе техники, содржи публикацијата „Британски уметници од колекцијата на Остен“ што беше промовирана вчера во Британскиот совет.

четврток, 22 декември 2016

Сатирични карикатури, цртежи и графики на Хенри Мур, Френсис Бекон, Едуардо Паолоци, Лин Чедвик, Бен Николсон, Ентони Крег, Тери Фрост,..., изработени во повеќе техники, содржи публикацијата „Британски уметници од колекцијата на Остен“ што беше промовирана вчера во Британскиот совет.

Проектот е резултат на соработката меѓу Галеријата Остен, Британскиот совет и Делегацијата на Европската унија, а изборот на делата го направи кураторката од Велика Британија Џил Хедли.

Овој есеј, како што вели Хедли во видео-пораката по повод промоцијата, се обидува да направи осврт на британската уметност изразена во некои од делата кои се составен дел на збирката на Остен.

- Збирката на Остен содржи многу аспекти од британската уметност, како и дела на уметници со големи контрасти. Лиричното клиширање на класичарот Џон О Конор го прикажува композиторот Хенру Пурсел од 17 век преку англиските пејсажи. Од друга страна, тука е Хана Колинс која со две литографии прикажува полжави и сончогледи, истакнува Хедли.

Во публикацијата се прикажани и дела на Ричард Хамилтон, таткото на британскиот поп арт, на Дејмиен Хрст, еден од претставниците на Школата за уметност во Глазгов, како и на Тони Крег, еден од најважните британски скулптори на својата генерација.

Каталогот почнува со Вилијам Хогарт, првиот значаен британски графичар чие влијание, според кураторката, е се уште присутно.

- Хедли престојуваше во Македонија, лично ги погледна сите дела од колекцијата и го направи изборот на авторите. Со промоцијата на публикацијата всушност ги промовираме активностите меѓу двете биеналиња на цртежи. Ова е многу убав, драг проект што го реализиравме со Британскиот совет и Делегацијата на ЕУ, а повод за соработката беше Остен Биеналето на цртеж Скопје 2016 и јубилејот на Британскиот совет - 20 години работа во Македонија, рече извршната директорка на Остен Корнелија Конеска.

Збирката на Остен пред една година имаше дела од околу 50 уметници од Обединетото Кралство, а денес брои карикатури, цртежи и графики од преку 130. Во публикацијата, како што информира Конеска, се избрани/претставени дела на околу 70 автори.

На промоцијата имаше и мини изложба на Мур, Хрст и Хамилтон,... кои се дел од каталогот, како и на Лангтон и Бенскин-Мешер кои се дел од Биеналето на цртеж Скопје 2016. Присуствуваа и наградените автори на Остен Биеналето на цртеж Скопје 2016: Мати Грунберг од Израел, Гидре Ришкуте од Литванија и Јошкин Шиљан од Србија.
Овој настан, како што нагласи Конеска, е дел од утрешната голема ревијална изложба во Чифте амам на која ќе бидат доделени наградите и ќе биде промовиран каталогот на ОСТЕН ‐ Биенале на цртеж Скопје 2016. На изложбата ќе има повеќе од 250 дела на уметници од 66 земји.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 344 пати.