Култура

Премиера на „Тартиф“ во Македонскиот народен театар

„Тартиф“ на Молиер во режија на Галин Стоев од Бугарија е нова претстава на Македонскиот народен театар која премиерно ќе биде изведена вечер и утревечер. Во драмата за лицемерството напишана во 1664, но секогаш актуелна и безвременска, насловниот лик ќе го игра актерот Драган Спасов-Дац. Тоа ќе биде негов прв настап во МНТ по доаѓањето од Драмскиот театар.

вторник, 20 декември 2016

„Тартиф“ на Молиер во режија на Галин Стоев од Бугарија е нова претстава на Македонскиот народен театар која премиерно ќе биде изведена вечер и утревечер. Во драмата за лицемерството напишана во 1664, но секогаш актуелна и безвременска, насловниот лик ќе го игра актерот Драган Спасов-Дац. Тоа ќе биде негов прв настап во МНТ по доаѓањето од Драмскиот театар.

Во актерската екипа се и: Ѓорѓи Јолевски (Оргон), Даница Георгиевска (Елмира), Владимир Јачев (Клеант), Тања Кочовска (Дорина), Катина Иванова (г-ѓа Пернел), Дарја Ризова (Марјана), Оливер Митковски (Дамис), Никола Ацески (Валер), Александар Микиќ (г. Лојал), Кире Ѓоревски (Полицаецот) и Тања Ивановска (Флипот).
Режисерот Стоев пред две години го постави Тартиф во „Комеди Франсез“ во Париз, т.е. славниот Дом на трупата на Молиер, со кој соработува од 2007 година. На прес-конференција по повод премиерата рече дека скопскиот Тартиф е нова верзија, различна од таа во Франција.

- За мене беше важно претставата да е многу поразлична од таа во „Комеди Франсез“. Мислам дека не треба да се прави копирање на некоја претстава, туку секојпат се приспособувам на спефициките на екипата, на можностите на театарот и најмногу таа да се вклопува во локалниот контекст за да стане претстава која прво би имала смисла тука, рече Стоев.

Ја пофали соработката со екипата на МНТ и самиот процес на подготовка во кој прифатил некои нивни предлози кои ги смениле неговите првични идеи. Стоев има соработувано со МНТ пред 17 години - во 1999 тука ја постави „Антигона во Техноленд“. Во меѓувреме изградил меѓународна кариера и работел во некои од големите национални куќи во Европа.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, „Тартиф“ е меѓу капиталните дела на театарската литература, текст со кој, како што рече, режисерот и театарот што го поставува ја тестира својата зрелост.

Сценограф на претставата е Венелин Шурелов, костимограф Елица Георгиева, а композитор на музиката Саша Карлсон. По двете премиери денеска и утре, првата реприза на новиот „Тартиф“ е во сабота, 24 декември.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 341 пати.