Бизнис вести

Заеднички проект на коморите за подобра бизнис регулатива

Поддршка на микро, малите и средните претпријатија за полесно имплементирање на законите и јакнење на јавно-приватниот дијалог, е целта на новиот четиригодишен проект со кој првпат, во насока на донесување подобра бизниз регулатива, капацитетите ги здружуваат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

понеделник, 19 декември 2016

Поддршка на микро, малите и средните претпријатија за полесно имплементирање на законите и јакнење на јавно-приватниот дијалог, е целта на новиот четиригодишен проект со кој првпат, во насока на донесување подобра бизниз регулатива, капацитетите ги здружуваат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

Како што беше речено денеска на прес-конференција по повод почетокот на проектот, законите последниве години, наместо да ја олеснат и поедностават работата на компаниите, дополнително ја комплицираат. Често се менуваат, не се разбирливи и поради тоа, тешко може да се следат.

- Во 2015 година Собранието донесе 541 закон од кои 57 отсто преку ноќ, без јавни консултации. Иако тоа беше во насока на подобрување на регулативата, сепак, се покажа како голем предизвик за бизнисите, за нивните напори да се прилагодат кон направените промени, истакна директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.
Тој укажа на потребата од постојани, транспарентни консултации меѓу државните институции и бизнисот зашто така, нагласи, ќе се донесе подобра легислатива, полесно разбирлива за компаниите и поедноставно за примена.

- Законите се добри на хартија, но во пракса создаваат проблеми. Овој проект ќе биде голем предизвик за нас, коморите, зашто првпат се здружуваме со иста, заедничка цел, напомена извршниот директор на СКСЗМ, Фатмир Битиќи.

Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора дополни дека со проектот, микро и малите бизниси ќе ја подобрат усогласеноста со законските барања, а бизнис организациите ќе воспостават конструктивен дијалог за подобрување на регулативата. – Како комори сме подготвени да спроведеме се што е од значење за нашите членки. Ќе овозможиме успешно имплементирање на проектот и кај компаниите надвор од Скопје, нивна вклученост преку мрежата на регионални комори, рече Милевска Штрбевска.

Според Горан Попоски од МАСИТ, планираните активности ќе ги зацврстат позициите на коморите во креирањето подобра бизнис клима. – Проектот ќе биде основа за натамошна долгорочна соработка на коморите и нивен заеднички настап пред институциите, потенцира Попоски.

Според Љубомир Димовски од ЕПИ Центар Интернационал кој е водечки партнер на проектот, коморите првпат ќе ги здружат капацитетите за постигнување заедничка цел – подобра бизнис регулатива. - Проектот предвидува развој на неколку иновативни алатки, агрегатен портал и мобилна апликација, како и механизми за полесно следење на регулативата, но и мониторинг на изречените казни кои треба да бидат превенција и едукација, а не санкционирање, подвлече Димовски.

Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е вреден 1,9 милиони долари, а го финансира УСАИД. Ќе се фокусира на земјоделство, текстил, ИТ и градежништво. Овие четири сектори практично ќе послужат како модел за развој на натамошни мерки за усогласување со регулативата и за развивање на јавно-приватниот дијалог во останатите сектори.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 501 пати.