Култура

Проекција на „Среќна Нова ’49“ на реставрирана филмска копија

Кинотеката на Македонија вечер ќе прикаже новореставрирана копија на филмот „Среќна Нова ’49“ кој по сценарио на Гордан Михиќ и во режија на Столе Попов е снимен пред 30 години во продукција на „Вардар филм“.

вторник, 29 ноември 2016

Кинотеката на Македонија вечер ќе прикаже новореставрирана копија на филмот „Среќна Нова ’49“ кој по сценарио на Гордан Михиќ и во режија на Столе Попов е снимен пред 30 години во продукција на „Вардар филм“.

Скопската премиера била на 6 октомври 1986 во тогашното кино „Вардар“, откако на 33. Филмски фестивал во Пула филмот ги освоил главните награди (Златна арена), што дотогаш било најголем успех на македонската кинематографија.

- Триумфот на овој филм на смотрата на југословенски играни филмови беше дочекан еуфорично во Македонија, но таа еуфорија од почетокот на неговото прикажување се покажува оправдана и по 30 години. „Среќна Нова ’49“ не заврши како филм што го искористил моменталниот политички миг, туку остана филм со трајни естетски вредности, соопшти Кинотеката на Македонија.

Филмот раскажува приказна за распаѓањето на едно семејство во турбулентниот повоен период оптоварен од резолуцијата на Информбирото, што придонеле до раскинување на врските на Југославија со Советскиот Сојуз. Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година кога група југословенски студенти на школување во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома.

Улогите ги играат: Александар Ѓорчев, Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владица Милосављевиќ, Петар Арсовски, Мите Грозданов, Душко Костовски. Проекцијата на новата дигитално реставрирана филмска копија ќе биде во присуство на дел од екипата на филмот.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 369 пати.