Култура

Младите дизајнери во фокусот на 6. Скопска недела на дизајн

Шестата Скопска недела на дизајн (Skopje Design Week) се одржува од 23 до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ под мотото „Blooming Makers“, со цел да се поддржат локалните дизајнери во освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар и да ги охрабрат за повидливо присуство на домашниот пазар.

четврток, 24 ноември 2016

Шестата Скопска недела на дизајн (Skopje Design Week) се одржува од 23 до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ под мотото „Blooming Makers“, со цел да се поддржат локалните дизајнери во освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар и да ги охрабрат за повидливо присуство на домашниот пазар.

Фокусот ќе биде ставен на главната изложба на која се претставуваат 18, главно, млади дизајнери и дизајнерски студија кои, како што најавија организаторите, храбро, мудро и креативно се борат за своето место на пазарот.
На прес-конференцијата вчера беше презентирана програмата на 6. Скопска недела на дизајн во чии рамки ќе бидат претставени и патувачка изложба „Young Balkan Designers“ и изложбата на земјата во фокус, Австрија, од каде што ќе дојдат 30 дизајнери кои се дел од „Designaustria”. Таа ќе биде најголемата австриска изложба на дизајн воопшто презентирана во Скопје.

- Очекуваме издание кое ќе има огромно влијание врз младите и креативците преку сето она што ќе имаат можност да го видат, слушнат и научат за време на фестивалските денови кои следуваат, рече Тамара Георгиевска, менаџер на Скопската недела на дизајн.

Во рамки на Skopje Design Week ќе бидат одржани девет презентации, почнувајќи од утрешната на Зоран Једрејчиќ за Белградскиот саем на мебел. Утре ќе бидат и презентациите на „Designaustria“ и „Проект Илица: Made in Ilica / Old school Ilica“ на хрватскиот колектив „Оаза“. Од 25-ти до 27 ноември презентации ќе имаат и FITR и „Модулар“, ЕУРМ и „Завар“, ЕУРМ и Ендрју Деген, Игор Јосифов, Соња Шутова и Стефан Георгиевски.

- По шести пат Неделата на дизајн во Скопје е посветена на промовирање нови македонски брендови, иноватори. Ни ги носи актуелностите од светската дизајн-сцена претставува една светска дизајн велесила и традиционално се посветува на регионот. Зрелоста на самиот фестивал се огледува во зрелоста на излагачите кои се претставуваат, а работната агенда е повторно сериозна и инспиративна. Во следните пет дена Скопје ќе дише со креативна позитивна енергија во ритамот на дизајнот, изјави Марта Наумовска-Грнарова, менаџер на експо зона на Скопската недела на дизајн.

Оваа година првпат ќе бидат доделени награди за најперспективен бренд и за студентски дизајн, а програмата ќе биде дополнета со работилници, музички настапи во живо секоја вечер на сцената во „Јавна соба“, како и со кулинарски настани.

Во „Јавна соба“ ќе се одржат четири професионални работилници, како и три работилници за деца (за време на викендот) на теми: „Фабрика за играње“, „Магијата на абакусот“ и „Илустрации“.

На сцената во „Јавна соба“ во рамки на 6. Скопска недела на дизајн ќе има и перформанси и концерти на македонски и на српски изведувачи.

(Преземено од МИА)


 

Содржината е прочитана 424 пати.