Култура

Француски орден за Мими Ѓоргоска-Илиевска

Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска е одликувана со орденот „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ кој го доделува Министерството за култура и комуникации на Република Франција.

вторник, 22 ноември 2016

Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска е одликувана со орденот „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ кој го доделува Министерството за култура и комуникации на Република Франција.

Орденот и е врачен поради нејзините искучителни достигнувања во промоцијата на македонската култура и филмска уметност во глобални рамки, како и за заложбите во промоцијата на француската култура во Македонија.

Одликувањето и го врачи амбасадорот на Франција во Македонија Кристиан Тимоние на свеченост во француската резиденција, истакнувајќи го нејзиниот досегашен придонес во зајакнувањето на културните врски помеѓу Република Франција и Република Македонија, како голем сојузник на француската култура и силен поборник за продлабочувањето на соработката помеѓу двете земји.

Ѓоргоска-Илиевска се заблагодари за честа да биде носител на ова значајно признание, истакнувајќи дека тоа претставува потврда и валоризација на заедничките заложби за афирмација, продлабочување, развивање и размена на културните вредности и дела меѓу Франција и Македонија.

Одликувањето „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ е воведено од Андре Малро во 1957 година и е едно од четирите најпрестижни во Франција. Се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 382 пати.