Бизнис вести

Измени на Законот за заштита при работа и слободен пазар, бараат компаниите од дејноста

Измени на Законот, слободен пазар наместо дефинирани цени за услугите и професионализација на дејноста, бара Групацијата за безбедност и здравје при работа на Стопанската комора.

вторник, 22 ноември 2016

Измени на Законот, слободен пазар наместо дефинирани цени за услугите и професионализација на дејноста, бара Групацијата за безбедност и здравје при работа на Стопанската комора.

Како што рекоа вчера на прес-конференција претседателот и потпретседателот на Групацијата, Сашко Стојмановски и Борче Стојчевски, животот на секој вработен во земјава од аспект на заштита чини не повеќе од 100 евра, бројот на смртни случаи бележи пораст, а стручни кадри во областа нема доволно. Околу 40 компании се занимаваат со заштита при работа и приближно уште толку се лекари за медицина на труд. Оттука, на систематски преглед во просек лекарите би можеле на секој вработен да му посветат по најмногу 12 минути.

- Законот досега е сменет десет пати, но и покрај тоа, праксата покажува голем број слабости. Затоа е неопходен сосема нов концепт, согласно светските стандарди. Надлежните во изминатите 20 години покажаа многу малку разбирање. Не зборуваме за политика, туку за стручност, истакна Стојчевски.

Според него, и подзаконските акти се недоречени и конфузни, се уште се работи по правилниците за микроклиматски услови од 1967 година, а не дефиниран и терминот „работа на висина“.

- Не да се задоволи само Законот, туку да имаме здраво население, што помалку повреди и подобри услови за работа. Тоа е нашата цел. Во оваа смисла е повеќе од потребно и координирање на институциите, нивно комплементарно работење, зашто, моментно, ингеренциите им се преклопуваат па не се знае која обврска чија е, посочи Стојчевски.

Став на Групација е дека вработените генерално не се запознаени со проценката на ризик во фирмата, иако работодавачот е должен за тоа да ги информира.

Во врска со бројот на смртните случаи на работните места и кои од индустриите се сметаат за најризични, Стојмановски и Стојчевски не сакаа да коментираат зашто, според нив, животите не се статистика, туку секој е еднакво важен. Сепак, посочија, смртни случаи има најмногу во градежништвото. Одговорајќи на новинарски прашања, подвлекоа дека Групацијата за заштита при работа бара вклучување во изготвувањето на законските решенија, а секоја фирма, согласно регулативата, е должна да има вработен инженер од оваа струка или ангажирано лице со положен соодветен испит.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 581 пати.