Интервјуа

Интервју со г-ѓа Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жени на Република Македонија

На 19 ноември се одбележува Светскиот ден на жената претприемач (WED - Women entrepreneurship day) и оваа година, како и минатата, избрана сум да бидам амбасадор за Р. Македонија. Овој ден е во состав на Светската недела на претприемаштвото, па во согласност со светското движење и годинава го одбележуваме денот, а наедно тоа е промоција и поттик на женското претприемаштво во Македонија. Предвидено е одбележувањето на настанот да биде на 18.11.2016 година во два дела. Во првиот работен дел ќе се организира конференција на која јавно ќе проговориме за состојбата со женското претприемаштво во Р. Македонија, а во вториот дел, во вечерните часови, со пригоден коктел свечено ќе се одбележи настанот. Во оваа пригода ќе се искаже значењето на сите силни жени претприемачи од Македонија што гордо одат по трнливиот пат на претприемаштвото. Мора да додадам дека годинава настанот го организираме со уште неколку други организации, стопански комори, проектот ИМЕ, како и со Вашата ценета куќа „Марили“, со што му даваме нота на возвишеност и на поврзаност на сите субјекти што активно работат на оваа проблематика.

среда, 09 ноември 2016

МАРИЛИ: Г-ѓа Дисоска, Вие сте амбасадорка на Република Македонија за женското претприемаштво и претседателка на Здружението на бизнис-жени на РМ. Кажете ни какви планови имате за одбележувањето на Светскиот ден на жените претприемачи (ABW- Association of Business Women) во Р. Македонија кој ќе се одбележи еден ден однапред, на 18.11.2016 година?
ДИСОСКА:
Пред сѐ, би сакала да ви се заблагодарам за можноста да зборуваме на темата за женското претприемаштво и во Вашиот ценет медиум. На 19 ноември се одбележува Светскиот ден на жената претприемач (WED - Women entrepreneurship day) и оваа година, како и минатата, избрана сум да бидам амбасадор за Р. Македонија. Овој ден е во состав на Светската недела на претприемаштвото, па во согласност со светското движење и годинава го одбележуваме денот, а наедно тоа е промоција и поттик на женското претприемаштво во Македонија. Предвидено е одбележувањето на настанот да биде во два дела. Во првиот работен дел ќе се организира конференција на која јавно ќе проговориме за состојбата со женското претприемаштво во Р. Македонија, а во вториот дел, во вечерните часови, со пригоден коктел свечено ќе се одбележи настанот. Во оваа пригода ќе се искаже значењето на сите силни жени претприемачи од Македонија што гордо одат по трнливиот пат на претприемаштвото.
Мора да додадам дека годинава настанот го организираме со уште неколку други организации, стопански комори, проектот ИМЕ, како и со Вашата ценета куќа „Марили“, со што му даваме нота на возвишеност и на поврзаност на сите субјекти што активно работат на оваа проблематика.

МАРИЛИ: Што ѝ претходеше на оваа конференција, дали е направено соодветно истражување и колку испитанички беа вклучени, која е нивната возраст, дали се од сите делови на нашата земја и кои женски асоцијации и организации учествуваа со Вас во овој проект?
ДИСОСКА
: Здружението на бизнис-жени направи големо истражување за потребите за јакнење на женското претприемаштво, при што беа испитани 1.024 жени претприемачи од 12 различни општини, со различен капацитет во работењето, како и со најразлични професии. Во истражувањето на терен многу ни помогнаа и партнерските организации со кои секојдневно соработуваме и комуницираме, а една од нив е агенцијата „Марили“.
Истражувањето имаше три фази. Првата фаза, квантитативна, како што споменав, ја спроведовме на 1.024 жени претприемачи и мора да кажам дека не е лесно да се најде толку голем број претприемачки што сакаат да зборуваат, па дури и на анонимни прашалници. Во втората фаза беа реализирани интервјуа со повеќе од 30 жени претприемачи. Во третата фаза во пет општини беа одржани тркалезни маси на кои присуствуваа претставници од невладиниот сектор и од општините.
За истражувањето и за резултатите од истражувањето повеќе ќе говориме на 18 ноември, кога во Р.Македонија ќе се одбележи Светскиот ден на жената претприемач. Во целина очекуваме дека ќе добиеме стратегија што целосно ќе ги задоволува потребите за раст и за развој на женското претприемаштво во РМ. Во изминатите четири години работевме на регионален проект и како краен продукт од него произлезе потребата да се развие национална стратегија за развој на женското претприемаштво во РМ.
Истражувањето, за кое претходно говоревме, произлезе како потреба за пополнување на непознатите во врска со женското претприемаштво во Р. Македонија, во процесот на создавање национална стратегија за развој на женското претприемаштво во РМ што ја изработуваме во соработка со Министерството за економија на РМ и со ГТФ и со СЕЕЦЕЛ од Хрватска.
Очекуваме националната стратегија за развој на женското претприемаштво да биде готова до крајот на 2016 година, а во неа да има добар акциски план од кој ќе произлезат натамошните активности за развој на женското претприемаштво во РМ.

МАРИЛИ: Што може да ни кажете за Здружението на бизнис-жени на Р. Македонија на чие чело се наоѓате, односно колку члена има оваа организација и како работите на развојот на женското претприемаштво во РМ?
ДИСОСКА:
Здружението на бизнис-жени работи веќе шест години и може да кажам дека со нашето работење создадовме движење што е незапирливо во полето на раст и развој на женското претприемаштво во РМ. Мора да кажам дека до пред неколку години немаше многу слух за потребите за развој на женското претприемаштво во РМ, но со конкретен пристап и со макотрпно работење успеавме да го свртиме погледот на јавноста кон нас и кон нашата работа, а со тоа и да го добиеме вниманието на институциите што во нас препознаа соработник со кој може да се има вин-вин ситуација.
Засега во здружението членуваат повеќе од 120 жени претприемачи и може да кажам дека секојдневно се зголемува членството. Во состав на Здружението на бизнис-жени отворивме клубови во Битола, Велес, Кичево, Куманово и во Кавадарци и тие активно работат во своите места.
Нашата работа се состои од неколку нивоа, работиме на терен, за потребите на жените претприемачи или, пак, за оние што сакаат да бидат претприемачи, ги организираме како менторски програми, групи за раст и развој, клубови за споделување информации.
Поврзувањето и активностите B2B, како во РМ, така и во ЈИЕ, исто така, се дел од нашите активности, членки сме на неколку организации од ЈИЕ, како што се Балканската коалиција на бизнис-жени АФФАЕМЕ, Медитеранската коалиција на бизнис-жени и на Светското здружение на бизнис-жени FCEM.
Исто така, спроведуваме и различни обуки што се поврзани со потребите на жените претприемачи, од личен раст и развој, преку бизнис-едукација, до едукација за стил и корпоративен изглед.
Дефинитивно може да кажеме дека нашето работење е сеопфатно, од работа со женското претприемаштво до креирање политики на национално ниво.

МАРИЛИ: Според Вас, на кој начин може да дојде до поголем развој на женското претприемаштво во Р. Македонија? Дали се потребни системски мерки особено во делот на едукациите и финансиите?
ДИСОСКА:
За да се дојде до конкретен раст воопшто на претприемаштвото мора да се работи на едукацијата и на промената на свеста на граѓаните. За жал, ние во себе го немаме генот на претприемаштво, па затоа мора дополнително да ни се вгради. На оваа проблематика мора да се работи континуирано, систематски и на различни нивоа во општеството. Ме радува дека во училиштата се вклучени предмети, како иновација и слично, што на младите им ги даваат основните информации за функционирањето на еден бизнис и на пазарната економија и се надевам дека тоа ќе даде плод.
Конкретно, за развојот на женското претприемаштво има и дополнителни препреки на кои мора да се работи, и тоа на ниво на фамилија, менталитет, стереотипи, пристап до имот, пристап до социјални установи, подобрени услови за живот. Сето тоа недостига во однос на развојот на женското претприемаштво во РМ.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, кои се предностите на вмрежувањето и колку жените си даваат поттик и преку своите деловни практики?
ДИСОСКА:
Од нашето досегашно искуство може да кажеме дека вмрежувањето е една од најкорисните алатки со кои работиме. Во нашето здружение речиси секојдневно се присутни споделување информации, несебично разменување на знаење, можности, решавање на одредени ситуации. Многу сме горди на синергијата и на поврзаноста што ја има меѓу нашите членки, тие секогаш се расположени да им помогнат на новодојдените во здружението, како и на младите што допрва почнуваат со свој бизнис.

МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија за состојбите во женското претприемаштво кај нас во однос на Југоисточна Европа и колку соработката со други вакви асоцијации од овој регион може да биде позитивен пример за жените претпириемачи во нашата земја?

ДИСОСКА: Мора да кажам дека според бројот на жени претприемачи процентуално не заостануваме од оние во регионот, односно пред нас се само Грција и Србија. Но кај нас, за разлика од Грција и од Србија, жените 98% се во микро и во мал сегмент, со мал обрт и со мал профит.
Нашата соработка со здруженијата на бизнис-жени од регионот е на многу високо ниво, во текот на минативе шест години континуирано соработуваме, споделуваме информации, како и добри практики. Ја основавме и Балканската коалиција на бизнис-жени, како и повеќе други заеднички платформи преку кои заедно дејствуваме за да се смени ситуацијата во врска со женското претприемаштво во РМ во регионот на ЈИЕ.
 
МАРИЛИ: Во кој дел од бизнис-сферата во овој момент ја гледате најголемата можност за развој на женското претприемаштво? Според Вашето мислење, каква е разликата меѓу претприемач, менаџер и лидер?
ДИСОСКА: 
Во различни сфери има можности за раст и за развој на женското претприемаштво, во зависност од интересот на лицето што го работи. Недостига малку пошироко размислување за регионална работа и соработка, за заедничко здружување на капацитетите заради заеднички настап на светските пазари. Мора да се промени визијата, целите да се постават повисоко и да не размислуваме само во рамките на една средина, држава или регион. Денес не постојат граници за развој на бизнисите.

На прашањето за разликата меѓу претприемач, менаџер и лидер ќе одговорам дека овие позиции се разликуваат, но не се исклучуваат една со друга. На пример, претприемач е оној што ги остварува своите идеи и од нив развива бизнис, во кој целосно се вложува со работа, знаење и финансии, додека менаџерската позиција е сосема друга, не мора да сте претприемач за да бидете менаџер, напротив, претприемачите нјмногу од сѐ сакаат добри менаџери што нивните идеи ќе ги претворат во профит. Лидер, пак, е личност што знае, умее и може да дејствува врз одредена мала или голема група луѓе што му веруваат и кои го следат во неговите убедувања. Верувам дека секоја жена може да се најде на некоја од позициите претприемач, менаџер и лидер и притоа да биде успешна!

 

МАРИЛИ: Оваа година една од Вашите членки беше вклучена во проектот на агенцијата „Марили“ за промоција на жените менаџери што по 20. пат се организира како манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери од Република Македонија и од дијаспората“. Колку ваквата промоција на успешни жени е важна за да се охрабрат жените во нашето општество да се вклучат и успешно да работат во бизнисот како претприемачи, менаџери и сл.?
ДИСОСКА:
Тоа што вие го работите е за почит, со години ги промовирате и ги охрабрувате жените да успеат во намерата да бидат на позиција на која сакаат да се видат себеси и притоа претставуваат одличен пример за нашите млади, како и за сите жени во РМ.

МАРИЛИ: Како дојдовте на идеја да ја формирате оваа асоцијација на бизнис-жени на Република Македонија? Кои беа Вашите претходни работни искуства и колку Ви помогнаа во работењето со оваа асоцијација?
ДИСОСКА: Јас сум претприемачка повеќе години и пред да решам дали сакам да работам и со Здружението на бизнис-жени, активно бев вклучена во неколку регионални проекти што се однесуваа на оваа проблематика, но во Македонија немаше такво здружение. Од работењето како претприемачка добро ги познавам условите за работење во РМ, колку во суштина е тешко да се опстане на еден пазар што не е финансиски јак и во опкружување што не дава многу можности за раст и развој на женското претприемаштво. Во 2010 година заклучив дека е потребно и во РМ да има вакво здружение што ќе се занимава со проблематиката на женското претприемаштво во РМ.

МАРИЛИ: Колку Вие како успешна жена менаџер, претседателка на Асоцијацијата на бизнис-жени на Р.Македонија, амбасадорка на женското претприемаштво на Р.Македонија, но и сопруга и мајка, наоѓате време и баланс за сите ангажмани за да ги остварите поставените цели?
ДИСОСКА:
Мора да се постави баланс и тоа на различни нивоа. На една од нашите обуки научив дека кога некој има повеќе функции, тој носи повеќе капи што ги менува во текот на работењето. Така и јас, имам капа за работа во мојата фирма, капа за работа во здружението, капа за сопруга и мајка, капа за пријателка, другарка и многу други... Тоа не значи дека балансирањето е едноставно, но значи дека не смееме да ги мешаме улогите на дадените работни задачи и тогаш ќе можеме да бидеме фокусирани на тоа што го работиме во моментот, а со самото тоа може полесно да ги менаџирам и да ги балансирам различните улоги во мојот живот.
 

Содржината е прочитана 1246 пати.