Култура

Институт за македонска литература одбележува 35 години постоење

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатиот 35-годишен период од своето постоење работеше врз реализација на голем број национални и меѓународни проекти, на современи студиски програми за магистерски и докторски студии во областа на културологијата и македонската книжевност при УКИМ и врз развојот на својата издавачка дејност.

понеделник, 07 ноември 2016

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатиот 35-годишен период од своето постоење работеше врз реализација на голем број национални и меѓународни проекти, на современи студиски програми за магистерски и докторски студии во областа на културологијата и македонската книжевност при УКИМ и врз развојот на својата издавачка дејност.

Ова денеска го истакна директорот на Институтот, Маја Јакимовска Тошиќ во обраќањето на меѓународна научна конференција на тема „Критика и молк: читање на македонската литература и култура“, која се одржува во рамки на одбележувањето на 35-годишнината од неговото постоење.

Посочи дека за одбележување е и ангажманот на Институтот околу организирањето значајни научни меѓународни собири и воспоставување меѓународна соработка со сродни научни и високообразовни центри во регионот и пошироко. Таа ја истакна и континуираната посветеност на Институтот на релевантното исчитување и научно толкување на трајните вредности на македонската литература и култура.

- Клучно прашање е колку отсуството на критичкото чувство е во непосредна врска со актуелните состојби во сферата на финансирањето на научните институти и науката воопшто во Република Македонија, бидејќи вредносниот критериум и традиционалните искуства во истражувачката дејност и постигнатите резултати треба да бидат императив пред надлежните институции, рече Јакимовска Тошиќ.

Таа ја потенцираше важноста на поддршката на надлежните институции во афирмација на достигнувањата на Институтот во сите витални сегменти: научно-истражувачки проекти, кадар, високообразовна дејност, издавачка програма, мобилност и истражување во странство.

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити рече дека МАНУ ја поддржува работата на оваа значајна институција најнапред преку нивна заедничка соработка, преку заедничка партиципација во реализација на значајни меѓународни и домашни научни проекти, преку заедничко учество на меѓународни конференции, симпозиуми, дебати, тркалезни маси, во кои се афирмираат културните и литературните вредности на Македонија.
Додаде дека на конференцијата ќе стане збор за многу значајни круцијални теми од областа на критиката и молкот.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски истакна дека покрај примарната научно-истражувачка дејност, Институтот од 2008/2009 година во рамки на Универзитетот остварува и високо образовна дејност на студиите од втор циклус, културолошки студии во книжевноста и од трет циклус на студиската програма културологија, како и на потпрограмата „Македонска книжевност“ во состав на студиската програма „Македонистика“ со Филозофскиот факултет и Институтот за македонски јазик.

- Убеден сум дека преку искажувањата на учесниците на оваа конференција и преку дебатите што од нив ќе произлезат, ќе се осветлат низа значајни проблеми поврзани со оваа тематика и ќе се збогатат сознанијата што ја унапредуваат македонската хуманистичка мисла особено нашата наука за книжевност и културолошките студии кои се воедно централен интерес и ангажман на Институтот за македонска литература, додаде Јанкуловски.

Во рамки на конференцијата ќе се одржат промоции на зборниците на научни трудови „Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски II“ и „Популарна култура: поглед одоздола“.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 334 пати.