Саем

Македонската литература на саемот во Франкфурт од 19-ти до 23 октомври

Академик Влада Урошевиќ и писателите Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски - двајцата добитници на наградата за литература на ЕУ, ќе учествуваат на презентацијата на македонската литература на претстојниот Саем на книга во Франкфурт. Комесари на годинашнотото престатвување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура.

понеделник, 17 октомври 2016

Академик Влада Урошевиќ и писателите Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски - двајцата добитници на наградата за литература на ЕУ, ќе учествуваат на презентацијата на македонската литература на претстојниот Саем на книга во Франкфурт. Комесари на годинашнотото престатвување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура.

- На македонскиот штанд на саемот во Франкфурт оваа година од 19-ти до 23 октомври ќе бидат претставени над 500
вредни книги на повеќе од 100 македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија. Пред посетителите на саемот ќе бидат изложени и капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик како и „Антологискиот приказ на едицијата на македонска книжевност“ на германски јазик, во издание на НУБ Св. Климент Охридски, рече вчера на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Претставувањето ќе биде под мотото „Созвучја“, според наслов од песна на Шарл Бодлер. На 20-ти и 21 октомври, претставници на македонските издавачки куќи ќе имаат средби со нивни партнери-издавачи од странство. На 21 октомври е предвиден Македонски ден на литературата за деца и ќе биде промовирана едицијата „Бајки од Македонија“, приказни кои се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата од предучилишна возраст.

На македонскиот штанд на 22 октомври од 13 часот е централниот настан, на кој тројцата македонски писатели Урошевиќ, Смилевски и Јолдевски, ќе учествуваат на трибина „Промоцијата на македонската литература и пробивот на македонските автори и издавачки куќи на меѓународната книжевна сцена“. Како што беше најавено, на трибината ќе учествуваат Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер, автори кои речиси две децении се посветија на создавањето на обемниот Германско-македонски речник.

Комесарите подготвија и еден обемен каталог на англиски јазик насловен „Современа македонска литература“ во кој се прикажани поетското, прозното и драмското творештво на повеќе македонски автори. Покрај резимеата на некои од најзначајните современи македонски раскажувачи, во каталогот се содржани и информации за Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството за култура.

Канческа-Милевска подвлече дека Конкурсот е стимулативна мерка кој досега дал одлични резултати за промоцијата на македонското творештво и на нашите автори во странство.

- Обезбедена е поддршка за превод на 99 дела на македонски автори на 21 странски јазик, истакна Канческа-Милевска, посочувајќи и на капиталните едиции што ги реализира Министерството за култура, како и постојаното претставување на меѓународните саеми на книга низ Европа. Преку Годишната програма за 2016, македонската книжевност е претставена и на саемот на книга во Истанбул и првпат на саемот во Париз.

Академик Урошевиќ, кој првпат ќе учествува на самот во Франкфурт, истакна дека тој е извонредно многу значаен за пласирањето на книгите на една национална литература.

- Учеството на овие саеми на книгата се несомнено најветувачкиот пат за пробивањето на нашата литература во светот... Ако сакаме навистина да излеземе во светот со нашата литература, мораме да најдеме странски издавачи кои се заинтересирани за нас. Тоа е комплициран проблем, не е лесен за решавање, но единствен пат кој води кон успехот е учеството на овие саеми на книгата, рече Урошевиќ.

Претставниците од издавачките куќи „Арс Ламина“ и „Култура, Дарко Фудановски и Гордана Војнеска, кои информираа за настаните на македонскиот штанд и за симболиката на неговиот дизајн, истакнаа дека ќе организираат претставување во најдобра можна слика за да ги заинтересираат странските литературни агенти за литературата од Македонија.

На Саемот на книгата во Франкфурт, кој има 67-годишна традиција, секоја година учествуваат повеќе од 7000 издавачи, со што тој е центар за претставување на издавачката индустрија од целиот свет.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 283 пати.