Култура

Чествување на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски

Чествување на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски по повод десет години од неговата смрт, се одржа денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје.

четврток, 13 октомври 2016

Чествување на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски по повод десет години од неговата смрт, се одржа денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје.

Беседа за Андреевски одржа проф. д-р Кристина Николовска, која рече дека на овој ден се слави делото на великанот на современата македонска литература, поезија, проза и драма, големиот Петре М. Андреевски.

- Нема ништо поприсутно од неговото отсуство, но и сеприсуство. Петре М. Андреевски е сеприсутен во нашата свест, во пораките кои истекуваат од неговиот скапоцен рудник и од неговиот извор, тој е убавото лице на македонската култура, една прекрасна златна метонимија за се најубаво што тече од македонскиот дух, од македонството и од се она што зрачи од нашето прекрасно тло, истакна Николовска.

Споменот на Петре М. Андреевски, посочи, се чествува со беседа, која говори за неговото творештво кое сака да навлезе длабоко во тајните, после 10 години од неговото заминување да се види кои се тие прекрасни тајни, рудници, извори кои живеат во секој Македонец.

- Нема човек што не знае реплика од Петре М. Андреевски, нема човек што не памети мудрост или не ги знае неговите ликови, романи или стих од прекрасната и бескрајно убава Дениција. Тој е симбол за златна метонимија, за македонската литература, еден од најголемите великани на нашата култура, додаде Николовска.

Петре М. Андреевски е македонски поет, романсиер, раскажувач и драмски автор. Се вбројува во најдобрите, најчитаните и најпопуларните македонски писатели. Автор е на дваесетина бележити книги од сите жанрови и е преведен на повеќе јазици. Добитник е на најважните книжевни награди во Република Македонија. Починал на 25 септември 2006 година во Скопје.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 417 пати.