Бизнис вести

НБРМ: Растот во третиот квартал со темпо како и во првото полугодие

Во третиот квартал од годинава движењата во одделните економски сектори навестуваат продолжување на растот со слично темпо како и во првата половина на годината. Натамошен раст има и кај штедењето на населението и кај кредитите.

четврток, 13 октомври 2016

Во третиот квартал од годинава движењата во одделните економски сектори навестуваат продолжување на растот со слично темпо како и во првата половина на годината. Натамошен раст има и кај штедењето на населението и кај кредитите.

Ова го констатира вчера на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ кој одлучи каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 4 отсто, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 12 октомври да биде непроменета и да изнесува 22.000 милиони денари.

Во соопштението од НБРМ се наведува дека сигналите за стабилизирање на очекувањата на економските субјекти беа изразени и во текот на септември и октомври. На девизниот пазар, како што се наведува, солидните движења продолжиле и во овие месеци, при што веќе четврти месец по ред НБРМ откупува девизи и со тоа ги надополнува девизните резервите. Воедно, првичните септемвриски податоци покажуваат натамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, а има сигнали и за раст на штедењето во домашна валута.

Првичните податоци за септември, според НБРМ, покажуваат понатамошен раст на депозитите на населението, но побрзо во однос на претходните два месеца. Од друга страна, по силниот раст во претходниот месец, во септември депозитите на корпоративниот сектор се намалени. Ваквите осцилации кај промените на корпоративните депозити се вообичаени и се одраз на редовното работење на компаниите. Во третиот квартал, вкупната депозитна база на банките значително се зголеми, но заради послаби остварувања во претходниот период, нивото на депозитите и понатаму е пониско од проектираното.

Податоците за кредитниот пазар за септември покажуваат солиден раст на вкупните кредити на приватниот сектор во споредба со август, при раст на кредитирањето како на населението, така и на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на вкупните кредити вo септември е блиску до проектираната, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период.

На девизниот пазар, како што информираат, солидните движења продолжиле и во овие месеци, при што веќе четврти месец по ред НБРМ откупува девизи и со тоа ги надополнува девизните резервите. Првичните септемвриски податоци покажуваат натамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, а има сигнали и за раст на штедењето во домашна валута. Оцените за здравоста на економските фундаменти и натаму се позитивни.
Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во првите девет месеци од годината и натаму е во негативната зона, при пониски увозни цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст и упатува на солидна домашна побарувачка. Инфлациските остварувања засега упатуваат на пониска инфлација од проектираната, а ризиците околу проекцијата и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.
Најновите податоци за девизните резерви во септември покажуваат висок квартален раст, што произлегува од задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар во јули, интервенциите на НБРМ со откуп на девизниот пазар и раст на девизните депозити на банките кај НБРМ. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци за третиот квартал покажуваат дека трговскиот дефицит и нето-откупот на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, се движат во рамки на очекувањата.

Движењата на девизниот пазар во септември биле под влијание на вообичаени сезонски фактори, така што банките во трансакциите со клиентите оствариле умерена нето-продажба на девизи. Во споредба со истиот месец од 2015 година, движењата во септември беа поповолни, главно поради пониската нето-побарувачка за девизи од фирмите. Во трансакциите со физичките лица, и во септември, понудата и побарувачката за девизи беше релативно стабилна, а нето-откупот од овие клиенти беше на ниво на минатогодишниот износ. Ваквите движења на девизниот пазар, но и релативно повисокиот раст на девизните средства во однос на растот на девизните обврски на банките, доведоа до зголемена понуда на девизи на меѓубанкарскиот пазар на девизи и одржување на девизниот курс на денарот на ниско ниво.

Народната банка и во септември интервенира со откуп на девизи од банките поддржувачи (остварувајќи вкупно 18 милиони евра), а овој тренд продолжува и на почетокот на октомври. Со тоа, вкупниот износ на интервенциите за откуп на девизи на Народната банка во текот на летниот период, заклучно со почетокот на октомври, изнесува 91,3 милиони евра, со што се надоместија над 70 отсто од продажбите во периодот на шпекулативниот напад на девизниот курс оваа година. Со високата девизна ликвидност во септември, се овозможи банките и натаму активно да пласираат девизни депозити на подолг рок (6 и 12 месеци), по позитивни стапки кај Народната банка.

Со интервенциите во септември е подобрена денарската ликвидност на банките, со што е овозможено банките, во просек, да го зголемат просечниот износ на пласирани средства во краткорочните монетарни инструменти, а е забележано и умерено зголемен интерес и за подолгорочните инвестициски можности. Привремениот недостиг на ликвидност кај поединечни банки ефикасно се надомести на пазарот на пари, каде што банките главно тргуваа со меѓубанкарски депозити.

Економските и финансиските услови, како и оцената на присутните ризици, смета НБРМ покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. По преземањето мерки од страна на НБРМ на почетокот на мај, последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата, што би требало да продолжи и во наредниот период. Сепак, сѐ уште постои неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување.
НБРМ и во следниот период најавува дека внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на законските цели.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 457 пати.