МАКЕДОНИЈА

Зголемен интерес на полските туристи за Република Македонија

Министерот за економија Дритон Кучи одржа работен состанок со директорот на ТАВ аеродроми - Македонија Јигит Јалчин, сопственичката на еден од најголемите туроператори од Полска „Рего Бис“ Габриела Манка-Сокилу и директорот на „Фибула Аир Травел“ од Македонија Асим Меѓедовиќ.

четврток, 13 октомври 2016

Министерот за економија Дритон Кучи одржа работен состанок со директорот на ТАВ аеродроми - Македонија Јигит Јалчин, сопственичката на еден од најголемите туроператори од Полска „Рего Бис“ Габриела Манка-Сокилу и директорот на „Фибула Аир Травел“ од Македонија Асим Меѓедовиќ.

На средбата, како што информира Министерството за економија, од страна на полскиот туроператорот е укажано дека веќе се потпишани договори со ТАВ, за отворање чартер линија Варшава - Охрид, за 2017 година, а во процедура е потпишувањето на договори со одредени хотели за престој на туристи во Македонија.

Министерот за економија на средбата изразил задоволство од продлабочувањето на туристичката соработка со Полска, истакнувајќи дека туроператорите можат да сметаат на максимална институционална поддршка, а истовремено ќе се иницира и разгледување на можноста за продолжување на туристичката сезона за време на целата година и за покривање на поголем број градови при посетата на Македонија од страна на полските туристи.
Туристичката размена со Република Полска, стои во соопштението, се карактеризира со индивидуални посети на полски граѓани од деловни причини и поединечни аранжмани за наши граѓани во зимските центри на Полска. Според статистичките податоци во 2015 година, 17.054 туристи од Република Полска ја посетиле Република Македонија, а во тој период се остварени 36.126 ноќевања од Полска во Македонија. Притоа, вкупниот број посетители од Полска во 2015 година во однос на истиот период од претходната година бил зголемен за 6,8 отсто, а бројот на ноќевањата намален за 5 проценти.

На средбата се разменети идеи за збогатување на туристичката понуда на Република Македонја, бидејќи освен за езерскиот туризам, на полскиот пазар постои интерес за воведување нови содржини, од типот на посета на зимските туристички центри за време на зимската сезона, односно комбинирање на понудата со културен туризам, за што Република Македонија има огромен потенцијал.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 797 пати.