Култура

Изложба на археолошкото богатство од накит од Република Македонија во Њујорк во соработка со Gallery MC

На прес конференцијата одржана во Н.У. Археолошки музеј на Македонија, директорката на музејот госпоѓа Весела Честоева во присуство на претставник од министерството за култура информираше за оваа значајна изложба на нашето археолошко богатство во накит насловена „Накитот низ вековите од Република Македонија , кое ќе биде претставено пред светската јавност во Њујорк, во соработка со Gallery MC од 13 - 31 октомври.

петок, 07 октомври 2016

На прес конференцијата одржана во Н.У. Археолошки музеј на Македонија, директорката на музејот госпоѓа Весела Честоева во присуство на претставник од министерството за култура информираше за оваа значајна изложба на нашето археолошко богатство во накит насловена „Накитот низ вековите од Република Македонија“, кое ќе биде претставено пред светската јавност во Њујорк, во соработка со Gallery MC од 13 - 31 октомври. Ќе бидат претставени 68 музејски копии кои што се пронајдени како археолошко богатство во археолошките ископувања во изминатите 70 години на тлото на Република Македонија. Арте фактите што ќе бидат претставени егзистирале на оваа територија од времето на пра историјата од околу 7000 години П.Н.Е. до крајот на 20 –тиот век Н.Е. Особено се значајни артефактите во злато од античкиот период, што покажува дека тогашните мајстори достигнувале неверојатна техника на изработка на златен накит во комбинација со скапоцени камења, а декорациите се во форма на гулабици, лавови, сфинги, божества или негроидни претстави . Значајно е и претставувањето и на средновековниот период со парчиња накит, со христијанска иконографија и презентирањето на накитот со нова техника на филигран и гранулација на сребро што зрачи со исклучителна убавина и е израз на креативноста на македонскиот традиционален накит. Како надополнување на презентираниот накит ќе се претстават и керамички тоалетни аксесоари за чување на антички скапоцени етерични масла, парфеми и шминки. Концепцијата на изложба ја дооформуваат адекватно одбраните теракотни антропоморфни фигурини на кои изворно се претставени декоративни украсни елементи од накит со хронолошка карактеристика.

Мал дел од изложбата ќе биде интерактивен за посетителите кои запрв пат ќе добијат уникатна можност лично да испробаат копии од неколку видови на антички накит на себе и со истите да се фотографираат во соодветно адаптиран простор.


 

Содржината е прочитана 578 пати.